Пишува: Хамза Драголовчанин

Бев многу малечок кога првпат забележав дека мојот братучед Адам не е ист како другите. Навидум ист, ама многу различен. Адам не зборува воопшто – замислете си дете од 15 години, високо два метра, а не зборува. Воопшто! Адам никогаш не седнува, постојано се движи низ собата или каде и да е и притоа чека шанса да „украде“ нешто за јадење од рерната или од фрижидерот. Дедо Јупо често се лути и вели дека Адам не е воспитан, ама нана Мукадеса секогаш го брани Адам и вели дека тоа не е негова вина, тој едноставно сака да си го задоволи својот нагон.

Кога одиме заедно да прошетаме некаде низ градот, тета Аниса секогаш мора да го држи за рака, инаку Адам веднаш бега. Многу често кога ќе сретне некого со храна или пијалак во раката знае да им го одземе. Тогаш тета Аниса им објаснува на луѓето дека Адам има аутизам и дека тоа е само негов стереотип. Често ја забележувам тагата во очите на тета во тие мигови.

Хамза Драголовчанин

Адам е голем, ама толку мал. Тој е вистински џин според својот раст, но има срце и душа на мало маченце. Тој никогаш никого не повредил, и често им приоѓа на луѓето со гласна насмевка очекувајќи дека ќе го гушнат. Така е научен – тета секогаш го гушка и му кажува дека многу го сака. Та, сега тој си мисли сите тоа го мислат. Луѓето мошне често се неправедни со Адам, нивниот страв од неговиот за нив непознат аутизам, тие го манифестираат со одбивање и бркање на Адам. Секако, ако не ги гледа тета. Таа е како сенка на Адам – секогаш е во негова близина и се грижи некој да не го повреди. Децата ја користат секоја можност да го нарекуваат со погрдни имиња, а зошто? Само затоа што е поинаков во нивните очи. Ама Адам е ист како нас.
Адам сака сѐ што сакаме и ние. Адам тагува за истите работи за кои ние тагуваме. Адам има исти потреби како нас. Адам е сѐ она што сме и ние, само во малку различна форма.

Тета секогаш вели – Адам ги има сите права како и останатите деца. Доколку институциите и системот му го оспоруваат тоа право, јас сум тука да ги потсетам дека неговите права се кршат.
Понекогаш се прашувам како би ми било мене да не зборувам, да не можам да кажам што сакам, што ме плаши или што ме боли. Еднаш направив експеримент – се обидов да не зборувам цели 20 минути. Никогаш ништо пострашно не сум доживеал! Ете, во тој миг најмногу ме здоболе Адамовата судбина.
Еднаш Адам со очи полни солзи дојде до тета и пискајќи ù ја фати раката. Ја зеде нејзината дланка и ја стави на десната страна на влажниот од исплаканите солзи образ.

Што е Адаме, сине? Те боли ли забот? – вознемирено го праша тета. Адам уште повеќе вресна. Тета го разбра овој негов потврден одговор и проблемот беше решен со апче против забоболка.
Но, во мојава душа останаа куп неодговорени прашања за кои се обидов да побарам одговор на „Гугл“. За децата кои не зборуваат постојат различни начини за нивно оспособување за комуникација – преку слики, со различни апликации на таблет…

Се прашувам зошто возрасните не се организираат и на децата кои не зборуваат не им дадат таблети и не ги обучат да комуницираат со нивна помош – зарем тоа е толку скапо?

Мама и тато ме учат дека никогаш никого не треба да повредам, ниту најситниот инсект, бидејќи сите заедно сме божји суштества. Зарем Адам и сите како него, или оние што не гледаат, оние кои не можат да се движат, па се возат во колички – зарем тие не се божји суштества? Зошто луѓето кога ќе го видат кучето на нана и дедо трчаат да го погалат, а кога ќе видат Адам се тргаат настрана? Зарем човекот повеќе им се радува на животните, отколку на луѓето, какви и да се? Која е таа религија која така ги учи луѓето?
Среќен сум што религијата на мама и тато на која ме учат не е иста со нивната. Мојата религија вели: Помогни му на послабиот!
Посакувам сите инфлуенсери наместо лажни вредности да креираат нови вредности каде ИН ќе бидеш ако си ИНклузист.
Стави лајк за инклузија, а дислајк за социјална и општествена изолација.

 

Хамза Драголовчанин е шестоодделенец во ОУ „Блаже Конески“ во н.Аеродром, Скопје. Неговиот расказ победи на конкурсот на тема „Сите деца се исти“, што во октомври го организираше „Халкбанк“ АД Скопје.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.