Нашиот најголем културен амбасадор, ансамблот „Танец“, со концертот во Њујорк што го одржа завчеравечер ја заокружи двонеделната успешна турнеја во Канада и Соединетите Американски Држави. Со девет концерти во осум сали, со речиси десетилјадна публика и бурни аплаузи, ансамблот беспрекорно настапи на престижни сцени во театрите во Монтреал, Отава, Торонто, Детроит, Чикаго, Питсбург, Кливленд и Њујорк.

Презентирајќи ги македонските фолклорните бисери – ората „Тешкото“ и „Копачка“, кореографиите „Тресеница“, „Малешевка“, „Роненка“, „Сретсело“ и „Драчевка“, песните „Море, да сум сонце“, „Рашири оро, девојко“, Облога ми фаќат момче и девојче“, „Учи ме мајко, карај ме“, „Моме оди за вода“, „Седна баба да вечера“, “Три години стана“ и „Песните за оркестар“ – „Танец“ впиша уште една блескава референца во својата биографија. Со концертни настапи кои траеја безмалку два часа, без ниту една пауза и со неверојатна мобилност и вештина за програмска промена на сите членови на ансамблот, на американска почва беше прикажана уникатната убавина на нашиот фолклор и високата професионалност и уметничка вредност на нашиот бисер „Танец“.

– Мразот го скршија во Монтреал, градот со европски рафиниран вкус, за потоа буквално да ја кренат на нозе публиката во Отава. Но, се чини дека 40-члената дружина, која немаше можност за замена на ниту еден свој член во текот на целата северноамериканска турнеја, која се протегаше на голема географска површина, најголемиот подвиг го направи во Торонто, кога два пати во иста вечер ја наполни прекрасната сала „Џон Басет“ во Торонто Метро Центарот. По многуте солзи радосници од нашите иселеници, кои заедно со другите посетители на двата концерта, со стоечки овации ги следеа врвните креации на нашите извонредни уметници, на ред дојде уште една „мека“ на македонската дијаспора, но од другата страна на границата, Детроит. Таму, со типично македонско добредојде во црквата „Света Богородица“ беше означен почетокот на уште еден величествен ден за „Танец“. Од Детроит практично започна делот на турнејата низ САД и маестралните концерти во престижните сали на Центарот „Никола Коперник“ во Чикаго, во музејскиот комплекс „Карнеги“ во Питсбург, во театарот „Мими Охајо“ на познатиот кливлендски плоштад „Плејхаус“ и секако со завршница во градот што никогаш не спие, Њујорк, во Центарот за изведувачки уметности „Трибека“. Многу аплаузи за сите кореографски и музички точки, редовен бис после долгите аплаузи за „Драчевка“, многу честитки на самото место, но и на адресата на „Танец“ – велат од „Танец“.

„Танец“ покажа дека и во вонредно тешки услови (со две одложувања на турнејата и сложени визни и транспортни процедури) знае да ги премости предизвиците, да се искачи високо на уметничкиот пиедестал и повеќекратно да го потврди статусот што заслужено го поседува 73 години, а тоа е најголем македонски културен амбасадор во светот.

Оваа турнеја е дел од годишната програма на „Танец“ поддржана од Министерство за култура, а организирана од компанијата Gremy Concerts.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.