Името на Фросина како повик за правда, безбедност, човечност, емпатија и солидарност

Фондацијата „Фросина Кулакова“ се роди по загубата што го прекина текот на еден млад живот, но и од одлуката таа загуба да не остане затворена меѓу ѕидовите на нашиот дом, туку да стане одговорност, свест и заложба за подобар свет. Денес името на Фросина не го изговараме само како спомен, туку како повик за правда, безбедност, за човечност, емпатија и солидарност. Оваа вечер е само почеток на процес, во кој од заедничката болка се ткае љубов, надеж и смисла – рече Росица Кулакова, сестра на трагично загинатата Фросина, на донаторската вечер насловена „Конци на светлината“.

Таа зборуваше за патот од личната загуба до одлуката таа болка да се претвори во јавна мисија. Со донаторската вечер официјално почна работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“, иницијатива посветена на градење култура на грижа, правда и свесност, и на системска поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии. Настанот ги обедини уметноста, културата и јавната одговорност во една силна и достоинствена вечер, во која беа изложени и ставени на хуманитарна аукција дела од македонски уметници и креативци од различни области.

– Преку аукцијата беа собрани вкупно 512.500 денари што ќе бидат наменети за програмите на Фондацијата, за психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии и за стипендирање на млади талентирани уметници кои поради социјални или финансиски причини не можат да ја остварат својата креативност и да ја изградат својата иднина – велат од Фондацијата.

На донаторската вечер присуствуваа бројни високи државни претставници, претседателката Гордана Силјановска-Давкова, претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, министерот за правда Игор Филков, министерката за образование Весна Јаневска, бројни гости од културната сцена, институциите, дипломатскиот кор, граѓанскиот сектор и јавниот живот.

Посебен и длабоко емотивен момент на вечерта беше претставувањето на официјалната химна „Фросина“, отпеана од познатиот автор Александар Митевски заедно со Хорот „Фрида“ под водство на Сузана Турунџиева, со текст на Огнен Неделковски. Химната на фондацијата беше најавена од мајката на Фросина, Камелија, а присутните ја проследија со силни емоции и долги аплаузи, како достоинствена почит, но и како силна јавна порака за смисла, одговорност и промена .

Фондацијата „Фросина Кулакова“ е основана од семејството на Фросина за да создаде долгорочна и одржлива платформа за подигнување на јавната свест за безбедноста во сообраќајот, за развој на кампањи за општествена одговорност и за обезбедување психосоцијална и правна поддршка за семејствата кои се соочуваат со последиците од сообраќајни несреќи. Донаторската вечер „Конци на светлината“ го означи почетокот на една иницијатива која има за цел тишината по трагедиите да ја претвори во глас за промена и во трајна заложба за колективна одговорност.

Сподели