Ивана Коцевска: Имав богати 20 години на сцена, се надевам барем на уште 10 такви

Државните институции немаат доволен слух за каква било поддршка на младите таленти во оваа професија. Сè што досега постигнувале генерациите пред мене и по мене било со поддршка од родителите, нивен максимален ангажман да се најдат спонзори, финансии за да се оди на реномирани светски натпревари, вели истакнатата солистка

Многу брзо ми поминаа овие 20 години. Имав доста предизвици, прекрасни соработки, настапи, како на матичната, така и на реномирани сцени низ Европа, вели балерината Ивана Коцевска, истакната солистка на Националната опера и балет. Со претставата „Оревокршачка“ кон крајот на декември, таа одбележа две децении опстојување на сцената.

Коцевска специјализирала во балетската трупа на Украинскиот национален театар – „Тарас Шевченко“ во Киев, каде успешно се вклопува во ансамблот и ја реализира солистичката улога на Мирта во балетот „Жизел“. Сезоната 2004-2005 е гостин на Националниот балет во Љубљана како солистка. За 2013-2014 добива покана од директорката на државниот балет во Вирцбург, Германија како солист во новата продукција на балетот „Легендата за Јосиф“. Гостувала на многубројни гала-концерти на Балканот и во Европа. Учествува на светските реномирани балетски натпревари како Варна (1998), Хелсинки и е финалист на Медитеранскиот балетски натпревар во Тел-Авив, Израел (2001).

Фото: Сашо Алушевски

Таа паралелно се занимава и со кореографија, а предава балет и во основното балетско училиште „Илија Николовски-Луј“.

Поминаа ли брзо и убаво дваесетте години на сцена?

– Морам да признаам многу брзо ми поминаа. Имав доста предизвици, прекрасни соработки, настапи како на матичната сцена, така и на реномирани сцени низ Европа. Работев како солист во операта во Љубљана, Вурцбург (Германија). Реализирав солистички улоги на сцената на Тарас Шевченко со Kиевскиот национален балет на едногодишната специјализација таму, гала концерти во Италија, Србија, Германија. Имав можност да учествувам на двомесечна турнеја низ Италија и да ги изиграм улогите на Одета/Одилија во „Лебедово езеро“, Клара во „Оревокршачка“ и други солистички улоги во истоимените претстави, како и во „Заспаната убавица“. Гостувавме со нашиот балет во САД, Франција, имам соработка со кореографи од Португалија, настапив на реномираниот фестивал „Енеску“ во Романија. Богата и исполнета 20 годишнина имав и се надевам на барем уште 10 активни години.

Има ли моменти кога размислувате дека сте можеле да направите нешто поразлично во својата кариера?

– Имало такви моменти, но биле ретки. За некои одлуки во многу клучни моменти ми недостигале самодоверба, храброст, но знам дека сè што досега имам создадено, сум го реализирала на најдобриот можен начин во тој момент. Тоа бил мојот максимум и се трудам да гледам само напред и да извлечам поука од сите одлуки кои сум ги донела, постапки што сум ги направила.

Како е да се биде балерина во Македонија?

– Да се биде балетски уметник е начин на живот, не е само професија. Верувам дека верната публика која ги посетува балетските претстави е свесна за тоа колку труд, време и љубов вложуваме во истата со тоа што по завршетокот на претставите громогласно нè поздравува.

Фото: Никола Спасеновски

Но, за жал, сметам дека во Македонија вистинската вредност на професијата балетски уметник не е на она ниво на кое реално заслужува да биде. Потребни се, пред сè, услови во самате установи, како на пример, медицински пункт каде би ни се пружила соодветна физикална терапевтска помош за да го одржуваме телото во добра состојба по напорните секојдневни активности. Соодветна апаратура и едуциран терапевт кој би ги лекувал повредите со кои се здобиваме за време на работата. Ова е навистина приоритет бидејќи мене лично ми се случувало мојата плата ја потрошам на физикални терапии и масажи и слични третмани за да можам да ја работам оваа работа. Исто така потребно е да се отворат и нови работни места. Младите кои го завршиле своето образование и се дел од нашиот ансамбл, работат посветено за минимален хонорар и чекаат на можност за поскоро вработување.

Може ли да ни споделите некоја интересна анегдота од некој настап, некоја смешна или интересна ситуација што ви се случила зад сцената.

– Ни се случувало претрчувајќи зад сцената некој од нас да се сопне и да падне, да се слушне тој звук во публика, често се случувало да имаме проблеми со костимите за време на настап. Падови за време на настап на сцена и да се продолжи како ништо да не се случило…

Ивана Коцевска (фото: Емил Петров)

Како државата ги поддржува балетските таленти? Дали им дава крилја да летаат во оваа уметност?

– Морам да признаам дека државните институции немаат доволен слух за каква било поддршка на младите таленти во оваа професија. Сè што досега постигнувале генерациите пред мене и по мене било со поддршка од родителите, нивен максимален ангажман да се најдат спонзори, финансии за да се оди на реномирани светски натпревари како во Варна, Хелсинки, Израел. Токму на овие натпревари имам учествувано јас лично благодарение на поддршката од моите родители и упорноста и посветеноста на мојата професорка по балет Соња Здравкова – Џепароска, за што сум ѝ бескрајно благодарна.

Балетот е скапа професија и сметам дека Министерството за образование и наука треба да одвои буџет преку кој би помогнале на младите таленти да добијат можност да ја претстават нашата држава на вакви реномирани светски натпревари или да добијат финансиска поддршка каде би се доедуцирале на многубројни работилници за класичен балет и современ танц. Потребни се исто така услови, а под услови мислам на простор – сцена каде младите слободни уметници би добиле можност и услови за работа на себе и презентација на таа работа.

Што Ве очекува во оваа година? Кои се следните предизвици?

– Треба да се реализира соработка на нашиот балет со Операта на Варна летово каде треба да настапам во главна улога. Исто така се отвори можност едно од моите кореографски дела да ги претставам на фестивал за современ танц во Загреб, и секако редовниот репертоар на Националниот балет. Во март се случи премиерата на „Госпоѓиците од Авињон“ на кореографката Олга Панго, па следуваат Мајските оперски вечери за 2022 година. Во преговори сум за повторно да настапам во Германија со моја претстава како во септември минатата година.

Насловна фотографија: Александар Томовски

Сподели