Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска рече дека чекорот на „Литера“ е револуционерен во промоцијата на илустрацијата за деца, исклучително важен сегмент од развојот на секое дете
Македонија имаше силна илустраторска сцена. На светскиот Саем за книги за деца во Болоња сè уште има штанд на нашата земја, но нашата земја скоро и да ја нема таму. Некаде во транзицијата илустрацијата се изгуби. Една од мисиите на „Литера“ е тоа да се смени, беше еден од заклучоците на вчерашната конференција „Македонска современа сликовница“ која се одржа во Музејот на град Скопје во рамките на 5. Меѓународен фестивал за литература и илустрација за деца „Литера 2023“.
Конференцијата, поделена во два панела, отвори интересни прашања за илустрацијата некогаш и денес, можностите за нејзиниот развој во издаваштвото, но и во академскиот сектор. За состојбите зборуваа писталите на детска литература, издавачите, а својот став го кажа министерката за култура и како прв човек на ресорот и како професорка по англиска книжевност.

Првиот панел „Од точка до илустрација“ го модерираше ликовната уметница и професорка на Факултетот за дизајн и мултимедија, Марија Ветероска. Таа нагласи дека македонската илустрација има богата историја, а тоа може да се види низ сите досегашни изданија на „Литера“.
– Од 2000 година наваму, со реформирањето на издавачките куќи имаше мал пад на поддршката на илустрацијата за деца, но тоа веќе е минато. Доказ за тоа се одличните илустратори Михајло Димитриевски Тхе Мичо, Иванка Ниба и многу други – рече Ветероска.
Димче Исаиловски се занимава со илустрација од 1986 година, кога дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во класата на Димитар Кондовски. Професорот Александар Цветковски, еден од доајените на македонската илустрација, имал обичај сите студенти да ги праќа во „Детска радост“ за да ги „зарази“ со илустрација. Во тоа време било вообичаено уметниците да бидат вработени во институции.

– Наскоро по дипломирањето и јас се пријавив на конкурс и ме примија во „Детска радост“. Во тоа време почитта меѓу писатеите и илустраторите беше на високо ниво, а конкуренцијата беше голема. Секој од илустраторите имаше по 20-30 книги. А големите уметници како Кондовски и Туниќ од илустрирање на една книга можеа да си купат автомобил. Кога одевме во Болоња, штандот на македонската илустрација беше навистина познат – раскажува Исаиловски.
Состојбите со илустрацијата во Хрватска ги претстави мултимедијалната уметница Николина Манојловиќ-Врачар, една од гостите на „Литера 2023“. Таа објасни дека во Хрватска има голема продукција на сликовници, по 100-200 нови наслови годишно, но разликата во квалитетот е огромна и варира од одлични до исклучително лоши изданија. Интересно е што има многу изданија со лоши текстови, но тие сликовици „ги вадат“ одличните илустратори.
– Кај нас печатот е многу скап. Според пропозициите, државата откупува голем дел од сликовниците, па затоа издавачите ставаат многу високи цени. Поради тоа во книжарниците одвај се продаваат по неколку сликовници месечно од едно издание – објасни таа.
Славица Јанешлиева, деканка на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје објасни дела илустрацијата се изучува како еден од курсевите во рамките на модулот за графички дизајн. Од друга страна пак имаме одлични цртачи.
– Александар Цветковски одигра исклучителна улога во развојот на илустрацијата за деца и постојано регрутираше млад кадар во оваа дејност. Потребен ни е таков човек кој ќе биде директна врска со издавачите куќи. Верувам дека „Литера“ е на добар пат да ја преземе таа улога во развојот и промоцијата на македонската илустрација – рече Јанешлиева.
Според Софија Семенпеева, ликовна уметница и идеен креатор на „Литера“, целта на фестивалот е да покаже дека сликарството, вајарството, графиката можат да бидат илустрација, сè е тоа уметност. Според неа, македонската сцена е прилично затворена и вмрежувањето и комуникацијата се неопходни за раст и развој.
Вториот панел „Од буква до приказна“ го модерираше новинарката Сребра Ѓорѓијевска. Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска рече дека чекорот на „Литера“ е револуционерен во промоцијата на илустрацијата за деца, исклучително важен сегмент од развојот на секое дете.
– Буквата кај децата доаѓа пред проодувањето. Читањето сликовници е многу важно, тука се почетоците на сите приказни и допирот со книжевноста – рече таа.

Според неа, до пред неколку години поради малиот број на домашни автори на сликовници издавачите биле принудени да преведуваат странски автори или да препечатуваат стари изданија со наши автори. Во последнит години таа состојбата се менува.
– Една од нашите определби е да ги поддржиме овие изданија што од друга страна ќе ги отвори вратите на европските фондови. Тие поддржуваат проекти кога ќе увидат дека и државата вложува во одредена дејност. За сите овие прашања треба отворено да разговараме – рече Костадиновска-Стојчевска.
Ника Гавровска, авторка и сопственичка на издавачката куќа „Гаврош“ ја нагласи потребата од Агенција за книга за која се зборува долго време. Таа посочи дека конкурсот за книги за деца треба да се издвои како посебен и да се вложува поголем буџет во помалку изданија, но да се даде предност на квалитетот.
– Така ќе се направи систематизација на авторите и ќе има јасно поделени сектори – рече Гавровска.
Бистра Георгиева, авторка на едицијата „Стела и Сани“ го раскажа своето искуство со овој проект кој досега има десет изданија.
– Интересно беше што се вклучив во фаза кога ликовите беа поставени. За среќа, издавачите ми ја дадоа авторската слобода да ги развивам според моето авторство и не беше тешко да се вклучам во проектот – рече таа.
Георгиева даде интересен аспект од нејзиното искуство додека работела во Агенцијата за филм во програмата „Медиа“ на Европската Унија.
– Тогаш сфатив колку е тешко да се работи од другата страна, кога сте обврзани со административни правилници, акти, закони кои многу тешко се менаџираат. Тоа не значи дека промените се невозможни. Но, да бидеме упорни и да почнеме да ги правиме. Да не остане ова уште една дебата на која сме кажале важни нешта, и останало на тоа – рече Георгиева.
Бојан Саздов од издавачката куќа ТРИ која ги издава „Стела и Сани“ објасни колку е тешко и скапо да се одржува таков проект, особено што оди во пакет со анимирани епизоди како алатка полесно да се допре до децата како публика.
– Анимациите го работевме со „Вертиго“ како 3Д анимација која е многу скапа. Побаравме поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој и од Министерството за култура. Друг проблем е што нашиот пазар е многу мал. Има примери за успех надвор, „Светот на Биби“ се пробија на пазарот во Србија, но мора да се има предвид дека таму конкуренцијата е многу силна – рече Саздов.
Конференцијата беше заокружена со став дека дебатата за состојбите мора да продолжи, зашто тоа е единствениот начин да се согледаат проблемите и да се најдат заеднички реченија. Семенпеева најави дека следен голем чекор на „Литера“ е Саемот во Болоња, а Саздов кој е претседател на Македонската асоцијација на издавачи рече дека како издавачи ќе дадат поддршка на тој процес.
Третиот ден на „Литера 2023“ почна весело – министерката Костадиновска-Стојчевска им читаше сликовница на третоодделенците од скопското школо „Кузман Јосифовски-Питу“. Во мешувреме илустраторот од Хрватска, Доминик Вуковиќ ја почна дводневната работилницата со триесетина учесници. Во попладневните часови нековата колешка Бранка Холингсворт-Нара одржа работилница. Денот заврши со промоција на сликовниците „Бакнежот на пролетта“ од писателката Елизабета Баковска, со илустрации на Катерина Соколова и „Ѕуница“ на Бранислав Николов и Иванка Ниба. Промоторка на делата беше ученичката Јована Николовска која водеше разговор со Баковска и со Ниба.





