Исклучителни долгогодишни претставници на независната културна сцена ни ги откриваат приказните од нивното секојдневие кое подразбира борба за финансиска поддршка и простор за изведба, создавање на сопствени канали преку кои ќе допрат до публиката но и неверојатна слобода, креативност и можност за успех
Екипата на „ТВ Такси 28“, Ана, Стрезо и Стефан во нова мисија – ги истражуваат слободата и предизвиците на македонската независна културна сцена. Основното мото за уметниците кои работат и го пробиваат патот на независната културна сцена е „да си храбар и да веруваш во себе“.
Во двата дела од емисија гостуваат уметници од повеќе различни области како Биљана Тануровска – Ќулафковски од Здружението на граѓани „Локомотива“, Александар Зафировски – ликовен уметник, Марија Христова од приватната издавачка куќа Private Print, Петар Антевски од „Пресврт“, Мартин Џорлев од колективот „Гола планина“, актерката Тамара Ристоска, пејачката Зарина Првасевда и Симона Спировска и Никола Ристески од „Артопија“. Сите ги откриваат приказните од нивното секојдневие кое подразбира борба за финансиска поддршка и простор за изведба, создавање на сопствени канали преку кои ќе допрат до публиката но и неверојатна слобода, креативност и можност за успех.
Театар
Ако зборуваме за создавање и продуцирање независен или алтернативен театар, неодминлива е приказната за група млади луѓе кои во 2016 година решиле неформалното функционирање да го институционализираат создавајќи го концептот за невладината организација „Артопија“ како еден поинаков медиум кој олицетворува крик против негативните општествени појави. Нивната искреност и отвореност за соработка ја препознале и театарџиите и публиката. Седум години подоцна, велат, убаво е да се биде „Артопија“.
– Сите сме сè. Кога одиме на гостување возиме сите, кога местиме сцена местиме сите. Уште кога се создаваше „Артопија“ го замисливме како место што ќе биде некакво далечно исполнување на нашите желби потреби и она што сакаме не само професионално туку и она што сакаме да го шириме како слобода на изразување, потреба и можност да бидеме заедно, да се состануваме, да создаваме – вели актерката Симона Спировска.
Сликарство
Независната сцена сигурно дека не располага со ресурсите со кои располагаат националните институции, но располага со бескрајна слобода како во пределите на платната на слободниот уметник Александар Зафировски.
За да се стигне до кралските аукции, престижните изложби и излозите на галериите во Франција, Шведска, Белгија, Дубаи итн., Зафировски вели дека најважно е да си храбар, посветено да работиш и да веруваш во себе.
– Сè уште работам на својот сон, на својот мир, на слободата – истакнува тој.
Танц
За Биљана Тануровска-Ќулавковски од Здружението на граѓани „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи за уметност и култура, независната културна сцена го дава новото и го обојува општеството, силна e, но недостасуваат финансии.
Биљана Тануровска-Ќулавковски (лево) и Ана Зафирова
– Станавме на некој начин експерти за меѓународни проекти, за соработка, за европски проекти и на таков начин донекаде се овозможуваат работите. Што се однесува до простор навистина е жалосно. Јас работам во изведувачки уметности, ние денеска да повикаме некој да дојде на резиденција немаме каде да дадеме простор – вели таа.
Издаваштво
Да се биде издавач специјализиран за уметнички книги во Македонија не е едноставно, но Private Print се стреми да биде поддршка на претежно младата независна културна сцена преку развој на разновидност и нови начини на функционирање. Марија Христова вели дека се горди што за осум години застанале зад извонредни уметници кои достигнале меѓународни успеси и биле наградени.
Богатството од приказни за независната културна сцена не може да се прераскаже треба да се доживее во двата дела од 24. епизода на „ТВ Такси 28“. Гледајте на YouTube.