Има 23 години, просек 10.00 и паралелно студира два факултета

Дејан Радуловски од Битола отсекогаш знаел дека историјата е науката на која ќе ù го посвети животот. Дипломирал со просек 10.00 на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје. Неговиот научен интерес е нововековната историја и веќе е запишан на вториот циклус на студии

Тој има 23 години, паралелно студира два факултета, едниот веќе на втор циклус на студии, а вториот за да го разбере повеќе првиот. Дејан Радуловски од Битола отсекогаш знаел дека историјата е науката на која ќе ù го посвети животот. Дипломирал со просек 10.00 на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје. Неговиот научен интерес е нововековната историја и веќе е запишан на вториот циклус на студии. Паралелно запишал и Правен фалултет на прв циклус на студии кој очекува да му помогне да ја разбере историјата од еден друг агол. Ова се приказните на успешните студенти.

Од кога се Вашите интереси за историјата, дали како дете Ве интерсираа приказни за минатото или можеби некоја личност од детството ја вгради оваа љубов во Вас?

– Моите интереси за историјата се појавуваат уште пред да го започнам своето образование. Како дете постојано сум се интересирал за историските настани, особено оние од Втората светска војна. Но постојано си го поставувам прашањето дали таа љубов кон историјата би опстојала доколку кон неа, не бев уште повеќе поттикнат од мојот наставник по Историја во основно образование. Веќе на мои 12 години започнав продлабочено да читам историска литература. Се сеќавам и на мојата прва прочитана книга, Мемоарите на познатиот македонски анархист Петар Манџуков „Предвесници на бурата“ за која што мојот наставник велеше дека неопходно е за еден иден историчар првото дело што ќе го прочита да бидат токму овие мемоари. Од тогаш бев речиси сигурен во кој правец ќе оди моето образование.

Дејан Радуловски

Што беше пресудно да се запишете и да студирате историја?

– Едноставно љубовта кон историјата. Иако бев доволно свесен за тоа како што велеше мојот професор на факултет: „Со студирање историја не очекувајте да купите неколку станови и скап автомобил“, сепак љубовта кон историјата ме натера и покрај тоа да продолжам во истиот правец.

Како би ја опишале атмосферата на Филозофскиот факултет, односот на професорите кон студентите, има ли соработка со нив и меѓу вас, колегите?

– Иако речиси две години од моето факултетско образование го поминав онлајн, како последица на корона вирусот, сепак деновите на Филозофски факултет се можеби моите најдобри моменти од животот. Особено сум задоволен од односот на професорите кон студентите. Можам да кажам дека нивниот однос бил постојано конструктивен и пријателски спрема нас студентите. Се сеќавам некои од професорите постојано ни кажува: „Вие сега сте наши колеги и нема потреба од покажување на доминантна позиција од наша страна“. Постојано биле достапни за студентите, и спремни да ни пружат помош за какво било прашање. Така да соработката помеѓу професорите и студентите можам да ја оценам како одлична. Еден од факторите што влијаеа на мојот успех е токму и односот со колегите. Се сеќавам многу често професорите знаеја да кажат дека сме можеби една од најдобрите групи кои досега се запишале на историја. Меѓусебната мотивираност беше фактор плус за мене да го постигнам успехот кој што го постигнав.

Вие сте студент со просек 10.00. Дали некогаш сте прополагале испит или едноставно така се случи?

– Во текот на студирањето никогаш не сум преполагал испит. Едноставно бев фокусиран и знаев дека тоа е најбитниот дел од мојот живот. Посветеноста, фокусираноста и љубовта кон историјата постојано ме водеа во текот на студирањето. Јас сметам дека кој било човек може да постигне каков било успех во својот живот, доколку е свесен дека тоа кое што го работи/учи ќе биде постојано дел од неговиот живот. Тешко е во едно вакво конзумеристичко општество да правите нешто од љубов, но сепак тоа беше главниот фактор кој ми овозможи да постигнам еден ваков успех.

Веќе сте на втор циклус на студии, а научниот интерес Ви е нововековната историја во Европа. Овој период не може да се изземе и од историските случувања во Азија и Османлиската Империја, особено влијанијата на Балканот. Што најмногу Ви буди интерес за истражување на овој период?

– Човекот како свесно и рационално суштество постојано се залагал да го истражи своето минато. Иако многу често во денешниот наратив можеме да сретнеме изјави кои укажуваат на тоа дека треба да заборавиме на минатото и да се насочиме кон иднината, политичките околности во кои што се наоѓа Европа, вклучително и Балканот, во моментот се речиси целосно условени од историјата. Да не заборавиме дека при некоја од првите изјави на Путин, по почетокот на руско-украинската војна, тој укажува на историските настани, односно на историското право на Русија да ги поврати своите историски земји. Токму актуелизирањето на историските настани ја прави историјата да биде важен фактор при решавањето на меѓусебните односи на државите. Да не заборавиме на спорот помеѓу Македонија и Бугарија. Одлуката да ја изучувам нововековната историја на Европа се темели токму на ова. Кај голем дел од историските настани во периодот помеѓу 17 и почетокот на 20 век, последиците можеме да ги забележеме и денес. Како што знаеме Historia est magistra vitae. Ние живееме во еден светски поредок чии што корени можат да се најдат во почетокот на 20 век, ако не и порано. Како и сега така и во периодот особено, од средината на 18 век, забележуваме испреплетени односи низ целиот свет. Само проследете ја седумгодишната војна од 1756 до 1763 година, ќе разберете за што зборувам. Се разбира случувањата во Европа, влијаат и во Азија и во Османлиската Империја, особено ако се земе фактот дека најразвиените земји во посочениот период се наоѓаат токму на тлото на Европа. Само да се погледнат границите во Азија ќе разбереме дека територијалните и етничките судири на Азискиот континент не се од сега. Користејќи ја својата доминантна позиција големите сили, особено на почетокот Велика Британија и Франција, а подоцна САД и СССР овозможија преку исцртувањето на спорни граници да го задржат своето влијание на овие простори. Слична е ситуацијата и на Балканот, Централна Европа како и Африка. Одговорот на тоа, зошто денес најголемите жаришта на конфликти се забележуваат во овие региони, не треба да го бараме во денешните случувуња, туку треба да се навратиме во историјата. Таквиот одговор можеме да го најдеме преку изучувањето на нововековната историја на Европа.

Додека посетувате магистерски студии по историја, запишавте и прв циклус на студии на Правниот факултет во Скопје. Објаснете ни ја оваа врска.

– Се разбира кога изучувате одреден период од политички, економски или социјален аспект, неопходно е на тоа да се додаде и филозофската мисла карактеристична за тој период. Да не заборавиме како делото „Општествен договор“ од Жан Жак Русо, влијаеше врз почетокот на Француската револуција. Или пак Џон Лок, како основоположник на либералната идеја, која сè уште доминира со одреден дел од светот. Да не заборавиме дека делата на Карл Маркс, се едни од најчитаните дела во денешницата, а воедно не постои научник во светот, кој со својата идеја предизвикал такви масовни промени во пракса, како Карл Маркс. Затоа сметам дека политичките студии на Правниот факултет ќе ми овозможат да се надоградам како историчар, особено во делот на историјата на мислата.

Историјата е егзактна наука, во смисла минатото се случило така како што се случило и не може да се промени. Толкувања на историјата е сосема друго прашање. Како млад истражувач, каде завршува науката, а почнува квазинауката во корист на дневнополитички цели?

– Ова е можеби најпоставуваното прашање за секој историчар. Многу е често некој обичен човек да каже дека тој е историчар, дека историјата му е хоби, и дека многу добро ја разбира историјата. Често си го поставувам прашањето: Зошто никој не се прашува зошто пивото ги содржи тие состојки кои што ги содржи? Зошто ретко можеме да најдеме човек на кој хемијата или пак физиката му е хоби? Се разбира, како што споменав човекот е рационално и свесно битие, и пред се социјално и општествено битие. Како што рекол Аристотел, човекот е „Zoon politikon“. Во таа насока психологијата кај човекот укажува на потребата тој да се запознае со минатото на општеството или државата на која тој припаѓа. Од друга страна пак, за собирање политички поени, особено таквите теми се злоупотребуваат за дневнополитички цели. Сето тоа влијае на дневна основа обичните луѓе многу повеќе да дискутираат за историјата, одколку пак за хемијата или физиката. Но, едно е запознавањето и дискутирање за сопственото минато, а друго е научното истражување. Секоја наука си има свои методи, па така и историјата како наука си има сопствени методи. Се додека некој труд е методолошки основан тогаш можеме да зборуваме за наука.

Вие сте еден од годинашните добитниците на наградата „26 Јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“ од Велика Британија. Како го добивте ова признание и што значи за вас како млад научник?

– Знаете, во едно општество како Македонија, наградите станаа само формалност. Вие можете да бидете и најдобриот во цела Македонија, но се поставува прашањето дали вашето знаење, или пак нешто друго е услов за напредок во кариерата? Се разбира за лична сатисфакција постои големо задоволство кај мене, но сепак тажното во целата ситуација е тоа што, многу други студенти како мене со перфектен успех, и голем број награди, решението го нашле таму некаде надвор од Македонија. Треба сите да се запрашаме, до каде води ваквата ситуација? На нас младите останува да променеме нешто во нашата држава. Токму ваквите награди би ме мотивирале да продолжам во иста насока.

Каде се гледате себси за десетина години?

– Како што кажав, напредокот во Македонија е условен од многу нешта. Секогаш прво би одбрал да ја градам својата кариера во Македонија, но едноставно доколку тоа не е можно, тогаш не ја исклучувам можноста своето образование и кариера да ги продолжам негде надвор од Македонија. Особено во едни вакви услови каде што англискиот јазик се користи речиси во сите универзитети низ Европа, се олеснува можноста за студирање надвор од Македонија. Притоа во овој момент го изучувам и германскиот јазик, со што во блиска иднина би се отворила и можноста своите студии и кариера да ги градам во земјите од германското јазично подрачје.

Насловна фотографија: Дејан Радуловски со ректорката на УКИМ Биљана Ангелова

Сподели