„Битна ни е реакцијата на нашата публикa. Секогаш кога почнуваш нешто, треба да се обраќаш некому. Ние се обраќаме на луѓе кои сакаат да размислуваат со своја глава, на луѓе кои ако нешто не им се допаѓа, ќе бидат слободни културно да ни го кажат свое мислење“, рече новинарката Сребра Ѓорѓијевска, една од коосновачите на Умно.мк на јавната расправа што ја организираше „Скала магазин“, со фокус кон медиумите, новите форми на информирање, трансформативноста на медиумите, генерациските пресеци и промени.
Вкупно 16 новинари, културни работници и универзитетски професори ги споделија своите ставови и размислувања. Настанот беше исполнет со разговори, дилеми, потпрашања, кафе, чоколадни колачиња, хумор и квалитетна дискусија која ја модерираше Ана Голејшка-Џикова.

Сребра Ѓорѓијевска
На прашањето кои се главните теми преку кои се стига до новата публика, Ѓорѓијевска вели:
– Во денешно време малку е тешко да се дефинира која е таа „нова публика“. Основата зашто ние го направивме Умно.мк и зашто веруваме во таа приказна е дека сфативме дека по долги години искуство во весник и области како културата и образованието, потребно е да создадеме место каде што и старата и новата публика ќе си го најдат своето место. Истовремено, ќе се потсетиме на вредностите во коишто ние како млади сме растеле и верувале, но и како професионалци работевме. Не се работеше за носталгија, туку фактот дека вредноста да се прочита вистинска и точна информација е право на секој современ човек, без разлика на возраста, местото на живеење и слично. Факт е дека кај нас постојат медиуми коишто ниту имаат дефинирана публика и ниту знаат кому и зошто се обраќаат. За нас, целна група ни беа луѓе кои сакаат да се информираат за култура, образование и наука и секогаш внимаваме сè што ќе објавиме да биде писмено и јасно напишано.
Целиот текст со Ѓорѓијевска, како и излагањата на останатите учесници, может да ги проследите на Скала.мк.
Фотографија: Скала магазин





