Илкоски и Имери го промовираат „Passions“: Патот е тежок, но е сладок и благороден кога со љубов ќе го изодите

По промоцијата во Скопје, ќе следува меѓународна промоција во Љубљана и уште неколку заинтересирани фестивали. Албумот ќе добие и дигитално издание за љубителите низ светот – вели Имери. 

Идејата била на Бојан Илкоски, а се чинело дека е совршено да ја реализира со Дино Имери, со кого концертните подиуми ги дели повеќе од една деценија, како дома, така и во странство. Албумот „Passions“ во издание на „Con:tempo“, ќе биде промовиран вечерва во 20 часот во малата сала на Филхармонијата.

Имери и Илкоски со нивниот прв албум (фото: Горјана Бојаџиевска)

Самиот наслов кој го носи овој албум е многу поврзан со карактерот на самата програма која тука се наоѓа, но и мојот личен приод кон музиката и животот, вели виолинистот Илкоски.

– Овој албум кој мене лично ми е многу драг првенствено заради тоа што е мој прв албум воопшто, но и круна на една долгогодишна соработка со нашиот брилијантен пијанист и музичар Дино Имери со кого концертните подиуми како дуо ги делиме повеќе од една деценија како на домашна, така и на меѓународна сцена. Патот од идеја до реализација е тежок, но е сладок и благороден токму тогаш кога со љубов ќе го изодите. Верувам дека во овој проект ме поддржаа вистински луѓе и професионалци кои директно учествуваа во создавањето – вели Илкоски.

Бојан Илкоски (фото: Маја Аргакијева)

Без луѓето со кои соработуваа на проектот, целово немаше да биде така како што е. Дијана Имери Илкоска ја имаше улогата на музички продуцент, Ален Хаџи-Стефанов – снимање и мастеринг, Маја Аргакијева (фотографија), а Виолета Качакова беше задолжена за дизајнот.

Бидејќи како уметници се радуваме на секој контакт со нашата публика, промоцијата на албумот ќе биде концертна, објаснува Имери.

– Се разбира дека приказната не застанува тука, а во план е меѓународна промоција која ќе продолжи во Љубљана и уште неколку заинтересирани фестивали. Албумот ќе добие и дигитално издание за љубителите низ светот – вели пијанистот.

„Con:tempo“ е нова издавачка куќа посветена исклучиво на класична и современа музика.

– Како гранка на веќе афирмираната куќа PMG и PMG Jazz, „Con:tempo“ е во подготовка на три нови изданија кои, се надеваме, ќе пробудат интерес кај љубителите на оваа уметност. Како прво издание се јавува токму „Страсти”, албум на кој работевме со голема љубов и внимание – вели Имери.

Дино Имери (фото: Маја Аргакијева)

Во септемри годинава Илкоски и Имери настапија во Белград во галеријата „Артгет“ во Културниот центар на Белград.

– Кај публиката бевме прифатени со огромно воодушевување и позитивни реакции. Следниот наш настап би требало да се случи во март 2022 година во Словенија на познатиот Фестивал за класична музика „Љубљана фестивал“,  кој е еден од петте најреномирани фестивали за класична музика во Европа. Нашето учество на овој фестивал за нас како дуо претставува голем предизвик и сме секако горди на сите наши заеднички проекти кои досега успешно ги реализиравме низ годините, а сигурен сум дека периодот кој што ни претстои ќе биде уште поуспешен и уште повозбудлив – вели Илкоски.

Насловна фотографија: Маја Аргакијева

Сподели