Тешко се наоѓаат зборови – ако и воопшто може да се најдат – за да се искаже сето она што поминува низ човека кога му одлетува парче од душата, засекогаш. Нашата Илинка, нашата бабичка на револуцијата за нас засекогаш ќе биде еден од најцврстите столбови на кои спокојно стои и расте „МакеДокс“. Длабок и неизбришлив е печатот што го остава за македонската култура и кинематографија, но за нас најскапоцена е нејзината неисцрпна љубов кон филмот – наша ѕвезда-водилка – споделуваат организаторите на фестивалот, во чест на филмологот Илинка Петрушева која почина по кратко боледување. Многу културни работници, почитувачи на делото на Петрушева.
Од самите почетоци нѐ научи што значи филмскиот фестивал, како се стокмува филмскиот каталог, колку се важни филмските, ама и човечките приказни, дека од сонот може да се направи стварност. Зарем не бевме среќни – што постоевме во исто време со неа, што нѐ грееја нејзината мудрост и благост? Зарем не сме среќни – што можеме да кажеме дека сме се прегрнале многупати, сме ја слушале како ни раскажува, сме се смееле со неа? Зарем не треба да сме благодарни – што за следните генерации остануваат безброј нејзини приказни за филмовите, и нашите приказни за неа?
Приказни за еден голем хуманист кој веруваше во Добро. Во Добро, кое го ширеше и споделуваше со сродните духовни архитектури, а со останатите беше волшебна.
Си замина во петок, и како што вели ,,архитектот” – само вредните души преминуваат на денот на љубовта. Така што веруваме дека нејзината душа ќе ја продолжи битка за возобновување на Културата. Светол ти пат и душа драга наша Бабе – напишаа од „Македокс.“
Јани Бојаџи: Замина патријархот на македонскиот филм
Замина Патријархот на македонскиот филм. Во нашиот, според неа, во се посебен случај – тоа беше жена! Веројатно е дека за Илинденка Петрушева може да се говори со денови, иако општо земено тоа што таа го правеше и направи во нејзиниот живот, ние едвај дали може да го прераскажеме со зборови. Илинка, буквално, ама во мојот случај буквално беше мојата врска со светот! И ако некој има заслуга во тоа да продолжам да сонувам за филм, како што таа го разбираше процесот на правење на филмови – сонувања, тогаш тоа е таа, Илинка.
Замина Патријархот на македонскиот филм. Во нашиот случај тоа беше жена! И ако, реално погледнеме во се’ што сме правеле во последните педесетина години во уметноста на филмот, дури и во најжестоките машки приказни, секогаш, ама секогаш тука имаше нешто женско, нешто заштитничко и полно со љубов за сите и за се’. Замина Илинка. Заминува и цела една епоха заедно со неа. Таа со себе нема да земе ништо, таа се што имаше одамна ни го раздаде на нас, оние што сакавме и можевме да земеме трошка од нејзината душа и нејзиното време. Сe’ друго ќе остане во спомените и во соништата. Беше чест да се биде дел од сонот и да се сонува во уметноста на филмот заедно со Илинка.
Васил Зафирчев: Челична дама со интегритет, врвен филмолог
Заминала драгата Илинденка Петрушева. Огнена и светла, какво што ѝ е името. Челична дама со интегритет, врвен филмолог, голем интелектуалец, посветен пријател и фанатичен вљубеник во уметноста. Секогаш ќе има посебно место во моето срце, со неизмерна почит и благодарност за љубовта, поддршката и бескрајните разговори за филмот и театарот. Сочувство до семејството и лесен прелет за нејзината прекрасна душа кон вечното „време на играта и соништата”!
Маргарита Арсова: Сонувачка со неуморен и нескротлив дух
За мама Илинденка Петрушева, првата уредничка на филмската редакција во Домот на младите 25 Мај, сегашен Младински културен центар. За сонувачката, чиј неуморен и нескротлив дух, фанатизам и љубов ни го дадоа филмот на дланка, за да описмени, издигне и покаже. За раскажувачката. Зборови нема, за да се искаже нејзиното влијание и важност за развојот на филмската свест во Македонија и филмското наследство.
Патувај по ѕвездите и развивај, во вечното „време на игрите и соништата”.
Александар Трајковски – Македонија изгуби голем интелектуалец
Илинка моја, ти благодарам за сè што направи за мене и за целата несебична поддршка што ми ја даваше… Уште од првиот момент откако те запознав… Без тебе, многу работи немаше да ги направам. А како еден голем печат врз мојот живот ќе остане твоето уредување и иницијативата за издавањето на мојата книга ,,Музиката во македонскиот игран филм: од Фросина до Лазар”. Македонија изгуби голем филмолог, голем интелектуалец… Нам двајца, ни’ остана неостварен договорот да ја промовирам твојата последна (веќе, недопишана) книга, која ќе беше вистински бисер… Вечно ќе бидеш во моето срце.
Владо Јовановски – Знаеше најмногу за македонскиот филм и многу повеќе од тоа
Си замина Илинденка Петрушева. Светол да и е’, патот кон вечноста! Си замина една, до неодамна жива легенда, која знаеше најмногу за македонскиот филм и многу повеќе од тоа. Сведочеше, знаеше, кажуваше, а имаше се’ уште што да каже, но дали ја прашавме, дали ја слушавме, дали вистински ја разбравме и дали паметиме и се сеќаваме …?
Драга Илинденка, да Ти е живо и здраво семејството! Ти остави неизбришливи траги во македонската кинематографија!
Елка Јачева-Улчар – Најшироко скроена жена – умна ведра, насмеана
Длабоко ме потресе веста за смртта на тетка Илинка, како што ја викав мајката на мојата колешка од факултетските денови, Алисија Феро и на мојот врсник Бранчо, другарка на татко ми од младоста… Беше најшироко скроената жена што ја познавам, умна, ведра, насмеана, вљубеник во уметноста, во Македонија, во децата и младоста… Од неа ја добив првата шанса да почнам да се занимавам со лекторирање, на оние први броеви на „Кинопис“, списанието на Кинотеката на Македонија, чиј уредник беше таа… Многу, многу жалам што Македонија и македонската култура останаа без една стамена, карактерна, интегритетна жена, каква што беше – Илинка. Нека ѝ е лесен патот кон вечната светлина
Ивана Настески – Бард на релевантната филмска критика
Си замина Илинденка Петрушева, бардот на релевантната филмска критика и кинематографија. Нејзините критички текстови со нескриена жар ги читав. Знаењето и познавањето кое го поседуваше госпоѓа Петрушева, беше остро и искрено, но со голема човечност пишано и кажано! Ми беше чест, што ве запознав госпоѓо Петрушева! Нека ви е вечен незаборавот…





