Фотографката Илина Пулејкова е една од шесте наградени фотографки што учествуваа на регионален фотонатпревар., што беше дел од проектот „Три, четири, сега! Европа е наша“ на програмата WeBalkans. Пулејкова се претстави со темата „Спортот поврзува, вклучува и љуби“ (Sport connects, includes and loves). Свеченото доделување на наградите се одржa за време на Спортскиот фестивал во Љубљана.
Кампањата „Три, четири, сега! Европа е наша!“ на WeBalkans се заокружи со изборот на шесте финалисти на регионалниот фотонатпревар. Во текот на изминатите шест месеци, оваа уникатна иницијатива ги славеше инклузијата, единството и спортскиот дух, приближувајќи ги заедничките вредности на Западен Балкан и ЕУ до граѓаните во регионот и пошироко. Наградени се и: Клевиса Капо – „Воздигнати од поддршка, носени од соништата“ (Lifted by Support, Carried by Dreams) од Албанија, Харис Перван –„ Фудбал за сите“ (Grassroots Football) од Босна и Херцеговина, Филојете Малоку од Косово – „Спортот не е само натпревар“ (Sport is not just competition), Наташа Ѓуровиќ од Црна Гора – „Линии на слободата“ (Lines of the freedom) и Јасмина Павловиќ од Србија – Заедно можеме сѐ (Together – we can do anything).
Во април 2025 година, во Приштина, беше објавен конкурс со којшто се повикаа младите фотографи и љубители на спортот на возраст од 18 до 29 години да овековечат инспиративни моменти од светот на спортот, славејќи ги упорноста, проширувањето на ЕУ, единството, градењето мир и културната соработка.
На доделувањето на наградите беше споделена видеопорака од европската комесарка за проширување Марта Кос, која истакна дека оваа кампања го претстави спортот како нешто многу повеќе од натпревар бидејќи со него градиме доверба, почит и заедници кои ги надминуваат границите.
Од вкупно 183 пристигнати дела, стручното жири ги избра осумнаесетте најдобри, кои потоа го обиколија Западен Балкан како дел од патувачка изложба низ во седум градови: Белград, Подгорица, Скопје, Струга, Маглај, Приштина и Тирана. Конечно, овој август граѓаните од регионот имаа можност да гласаат на социјалните мрежи на WeBalkans и да ги изберат победниците на фото-натпреварот:
„Би сакал да им честитам на сите учесници, особено на победниците на фото-натпреварот, и да ви се заблагодарам што ја избравте Љубљана да биде домаќин на завршниот настан од ова патување“, изјави Само Логар, заменик-градоначалник на Љубљана.
Со завршницата на кампањата „Три, четири, сега! Европа е наша!“ во Словенија, WeBalkans ја истакна својата цел – да ja споделува визијата за проширувањето на ЕУ, да го истакне богатството што Западен Балкан го носи во Европа и да ги претстави можностите што ЕУ ги нуди надвор од своите граници. Завршниот настан, истовремено, нуди и простор да се слушне гласот на младите и поттикнува единство преку активизам и креативност, потсетувајќи дека иднината на Европа е посветла кога ја градиме заедно.
„Спортскиот фестивал во Љубљана и фотонатпреварот се тесно поврзани, бидејќи и едниот и другиот ги слават спортот, младите и културата. Затоа е навистина важно да се видат љубителите на културата и спортот заедно на исто место, како учествуваат на еден заеднички настан, завршниот настан на фото-натпреварот“, изјави Наташа Кос, раководителка на Одделот за културна и научна дипломатија при Министерството за надворешни работи на Словенија.
За време на настанот, имаше и уметнички момент, односно со хармоника беше изведена музичка композиција составена од шест музички дела, по едно од секоја држава од Западен Балкан, како и едно дело од Словенија.





