Има уште многу работа, мојот нов предизвик е академски да се надградувам и да ја истражувам врската меѓу спортот и уметноста во општеството од социолошка перспектива, вели Арсова
Ги искачила седумте светски врвови (како прва Македонка и меѓу први 70 жени во светот), дополнително 6 светски врвови над 6000 метри висина, две публикувани авторски книги, 11 национални награди за спортско достигнување и особен придонес во промоција на нашата земја. Со ова зад себе и уште многу планови пред себе, Илина Арсова може само да се гордее со самата себе, но и Македонија со неа. Нејзиниот дух е неуморлив, но и желбата да работи за подобрување на местото на младите, девојките и жените во општеството, преку уметноста, спортот, претприемништвото. Неодамна таа беше дел од одбележувањето на 10-годишнината од основањето на Глобалната спортска менторска програма, што се одржа во Вашингтон.

Какво искуство беше Вашето учество на оваа програма?
– Искуството да се биде дел од ваква престижна програма, каде се вклучени најголемите професионалци од областа на спортот, е навистина непроценливо. За време на мојата двонеделна посета на САД, од 9-24 jуни, преку разни обуки, предавања од областа на претприемништвото, како и свечености со највисоките претставници на Стејт департментот на САД се одбележа десетгодишнината од оваа програма, каде присуствуваа 40 девојки буквално од целиот свет. Поводот беше двоен, бидејќи истовремено ја одбележавме и 50-годишнината од федералниот закон за човекови права Title IX, благодарение на кој во 1972 година во САД жените добиваат еднакви права и финансиска поддршка во сите сфери на општеството. На завршната свеченост со свои инспиративни говори се обратија и првата дама на САД, Др. Џил Бајден како и бр.1 тениската легенда на САД со 39 Гранд Слам титули – Били Џин Кинг, која и самата била борец во донесувањето на законот Title IX.
Десет години сте дел од оваа програма. Како Ви се случи оваа соработка и колку сте задоволна како се развива?
-Летото 2012 година ми се случи нешто, како на сон. За оваа програма бев номинирана од Американската амбасада во Скопје која ме идентификува како инспиративен пример за младите кај нас. Уште тогаш се залагав за подигнување на спортската култура, еколошката свест и поттикнување на родова еднаквост преку спорт. Сепак, тоа не значеше веднаш дека сум примена. Требаше да поминам неколку кругови и интервјуа за да влезам во финалниот круг каде од стотици номинации ширум светот, беа избрани само 17 девојки, делегати на првата генерација од Глобалната светска менторска програма, иницирана од страна на тогашната државна секретарка Хилари Клинтон, со која и лично имав чест да се запознаам. Инаку, програмата се изведува во партнерство со ЕСПН и најголемите спортски компании од САД, а имплементирана е од страна на Центарот за спорт, мир и општество при Универзитетот на Тенеси под менторство на д-р Сара Хилиер, директорка на центарот.

Од тогаш до сега, во ова глобално движење, учество зеле преку 130 девојки од 68 земји. Секоја од нив на свој начин, поттикнува социјални промени во својата заедница преку спорт, а се развиваат меѓусебни соработки на ова поле. Од Македонија сме две девојки: Силвија Митевска и јас, со која во 2014 година заедно го оформивме здружението ТАКТ. И двете учествувавме на 10-годишнината во САД.
Инаку, фасцинирана сум од развојот и одржливоста на програмата, бидејќи за разлика од спроведените обуки и проекти кај нас кои некако имаат краток рок на траење, овде големо внимание се обраќа на она што следи потоа. Кај секоја една девојка посебно, во групата, во заедниците и на крајот – глобалниот ефект.
Имаме ли придвижување во Македонија во однос на едукацијата и мотивацијата на младите и жените преку спортот и уметноста, областите кои Ви се при срце?
– Сега, после 10 години имаме видлив напредок. Заедно со мојот тим, но и јас лично нудев нови едукативни содржини за жени и млади токму во областа на спортот и уметноста, преку разни спортски и креативни програми (ликовно творештво, креативно рециклирање, пливање, качување, техники за опстанок во планина, еколошки вредности и зајакнување на животни вештини). Мојот ангажман вклучуваше и многубројни медиумски излагања, ТВ емисии, основање и поддршка на орагнизации со слични заложби и интензивно лобирање за подигање на свеста. Неодамна правев мала ретроспектива на последните 9 години и заклучив дека сме имале околу 750 млади, директно вклучени на некоја од нашите обуки, уште илјадници учесници на мотивациски настани во училиштата, физички и виртуелни конференции за време на пандемијата. А секако голем опсег достигнавме и со последниот документарен проект „Нејзината приказна“ (www.herstory.pro), кој беше прикажуван на 20-ина светски филмски фестивали. Приказната продолжува кога подмладокот продолжува да ја раскажува и тоа навистина се случува. Сега тие и самите лансираат слични иницијативи и се раѓаат нови соработки со истомислени здрженија.

Постојат ли жени кои Ви е инспирација/мотивација?
– Секако дека има и тоа може да почнам од најблиските: мојата мајка, баби и женски роднини кои исто како и јас, го отворале патот во своите полиња на дејствување. Од спортската бранша исто така има имиња кои би можела да ги набројувам, како Нада Ицева (падобранка) или Атина Бојаџи (пливачка), сепак, за она што јас пионерски го правев во Македонија морам да признаам дека немав домашни идоли на кои можев да се огледам. Моите идоли неретко беа суперхероините од играни и цртани филмови.
Што Ве очекува во нареден период, на што сте фокусирана во однос на вашиот активизам?
– За некој процес да се вкорени во општеството и да поттикне социјална промена, потребно е многу време. Оние вредности кои сме ги имале во спортот и уметноста, па и екологијата за време на Југославија, некаде потонале во годините на транзиција. Пред десетина години имав впечаток дека почнувам од нула. Благодарност до сите колеги и истомисленици, кои на свој начин го правеа истото. Сепак, претпоставувам дека сега сме некаде на пола пат. Има уште многу работа, мојот нов предизвик е академски да се надградувам и да ја истражувам врската меѓу спортот и уметноста во општеството од социолошка перспектива.

Кои спортови во моментов Ви го окупираат времето или можеби сте ориентирани повеќе кон уметноста?
– Во моментов поминувам некое време во мојот втор дом, Лагадин, каде денот ми почнува со пливање. Не сум сигурна дали езерото може да ги замени планините, но многу ме исполнува и ми отвора поинакви предизвици. Да испливам повеќе од вчера, да испливам побрзо од завчера, а кога ќе отидам некаде средe езеро чувствувам некоја слична слобода, како и на планинските врвови. Уметноста ме чека исто како и книгите, но ете по враќањето од интензивниот престој во Америка, си зедов една недела да се релаксирам.
Пролетва добивте награда за Европска жена на годината, што ја организираше Делегацијата на ЕУ. Ви значи ли можноста што бевте меѓу таков импресивен избор на жени, која од која поуспешна во својата работа, и се разбира, избрана за најдобра?
– Сите овие напори како адвокат за жените во спортот ја достигнаа својата клучна афирмација, токму годинава кога ја добив наградата Европска жена на годината од делегацијата на ЕУ во нашата земја. Ми беше огромна чест, пред се,’ за самата номинација заедно со 4 други прекрасни дами. Но, уште повеќе бидејќи оваа награда поттикна илјадници позитивни реакции и честитки од најразлични профили во земјата, мажи и жени, мајки, татковци и млади ентузијасти, искажувајќи искрена благодарност за инспирацијата која секојдневно им ја давам преку моето мултимедијално дејствување.

На крајот не знаев која награда ми е подрага – онаа од амбасадорите или реакциите на јавноста, што некако ми дојде како мерен инструмент за потврда на резултатот кој сум го постигнала, бидејќи истиот е неопиплив.
Со сето ова, последнава деценија ја заокружувам со достигнување на една животна мисија, искачување на 7-те врвови (како прва Македонка и меѓу први 70 жени во светот), дополнително 6 светски врвови над 6000 метри висина, две публикувани авторски книги, 11 национални награди за спортско достигнување и особен придонес во промоција на нашата земја.

Им посакувам на читателите на Умно.мк да бидат трудољубиви и чесни, истрајни и посветени на патот кон својата цел. Порано или подоцна таа ќе ви биде на дофат.






