Наградата за ликовна критика „Ладислав Баришиќ“ за 2024 година ја добива Илија Прокопиев, одлучи комисија на Здружението на ликовните критичари АИКА Македонија. Прокопиев ја доби наградата за предлог-истражувачкиот проект „Раскинување со уметноста (каква што ја знаеме)“.
За наградата одлучија: д-р Мелентие Пандиловски (историчар на уметноста и куратор), Маја Чанкуловска (историчарка на уметноста и кураторка) и м-р Јованка Попова (историчарка на уметноста и кураторка).
Наградата „Ладислав Баришиќ“ има за цел да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика денес и на критичкото пишување за појавите и тенденциите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста. Современата уметничка критика игра клучна улога во сложеноста на уметничкото изразување, нудејќи бројни и неопходни согледувања, интерпретации и размислувања.
Избраниот предлог-проектот на Прокопиев се издвојува со својот иновативен пристап, прониклива анализа и критички ангажман. Преку имплементирање на критичките перспективи и ангажираниот стил на пишување, победничкиот запис на Илија Прокопиев служи како доказ за моќта на уметничката критика во расветлувањето на комплексноста на современите уметнички практики и преосмислувањето на нивните импликации во однос на пошироките културни дискурси. Предлог проектот ја детектира неопходноста од преосмислувањето на уметничката работа, во зависност од општествените и економските случувања, која доаѓа како потреба во времиња кога овие две категории почнуваат да стануваат нестабилни.
Како што авторот посочува „Економските, политички и здравствени кризи како што се големата рецесија во доцната прва декада од нашиот век, пандемијата на ковид-19 и моменталните воени конфликти, нѐ обврзуваат да ги преосмислуваме уметничките практики во економско-политичкиот меѓузависен систем, поточно да замислуваме нови реалности на економско-културно-политичките констелации, кои можеби би го промениле целокупното разбирање за тоа што денес го разбираме како уметничка работа“.
Имајќи ја предвид богатата уметничка и кураторска пракса на авторот, како и можноста предложениот истражувачки проект да отвори нови читања за уметничките потенцијали преку концептите за самогрижа и општествена надградба, вон денешното поимање за тоа што е уметничката работа, сметаме дека овогодишната награда на AICA заслужено е доделена на Илија Прокопиев“, се вели во образложението на комисијата на АИКА.
Илија Прокопиев (1985) е куратор, издавач и визуелен уметник, кој живее и работи во Скопје и Љубљана. Ко-основач е на PrivatePrint, издавачка куќа за уметнички книги и студио за интердисциплинарни истражувања и практики во современата уметност. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2008 година, а во 2014 година магистрира на Интердисциплинарните културолошки студии на Институтот за македонска литература во Скопје. Автор е на книгата „Атлас на човековото тело по Аристотел“ уметнички проект реализиран во 2015, а ко-автор на „Незавршена монографија: Јелена Ристеска“ интерпретација на творештвото на македонската уметница Јелена Ристеска, 2016. Во 2011 ја добива наградата „Денес“ (YVAA) за најдобар млад уметник, за делото „Студии за многу големи цртежи“. Во периодот 2023-2024 е гостин-куратор на галеријата Равникар во Љубљана, каде поставува изложби на словенечки уметници.
Фотографија: Александра Константиновска