Иле Михајловски: Си го победил времето кога некому си донел добрина

За својата хуманитарна и општествена работа, Михајловски годинава влезе во Топ 50 најдобри наставници на светот. Секој што сака да помогне некому пред новогодишните и Божиќните празници, а не знае како, едноставно нека му пише на наставникот Иле и донацијата ќе стигне на вистинското место

Декември е месец во годината кога наставникот Иле Михајловски од Свети Николе традиционално работи еден куп професии – телефонски оператор, дистрибутер, по малку и маркетинг агент, човекот што тропа на вратите на компаниите да бара помош. Не за себе, туку за оние кои немале многу к’смет во животот. 30 години работи како наставник, исто толку време се обидува да биде тука за децата на кои им е потребна помош. Низ годините целната група се зголемила, не се само деца, туку и луѓе со попреченост, деца без родители, социјално загрозени семејства, болни… За жал, долг е списокот на луѓе во Македонија на кои им е потребна помош од секој вид … За жал, не им е потреба само пред Нова година туку низ целата година. За својата хуманитарна и општествена работа, Михајловски годинава влезе во Топ 50 најдобри наставници на светот. Секој што сака да помогне некому пред новогодишните и божиќните празници, а не знае како, едноставно нека му пише на наставникот Иле и донацијата ќе стигне на вистинското место.

Иле Михајловски

Колку време веќе ги организирате хуманитарните новогодишни акции? Како почна идејата?

– Во моите 30 години работен стаж како наставник секогаш сум се обидувал да им помагам на деца на кои им е потребна помош, а последниве десетина години интензивно и активно со по неколку акции во текот на секоја година. „Караванот на детски насмевки“ (новогодишна хуманитарна акција) е активна уште пред почетокот на пандемијата. Секоја година во месеците август и септември традиционално собирам училиштен прибор за децата ширум државата.

Идејата била присутна уште првата година како се вработив како наставник. Кога ја зедов првата генерација ученици, со дозвола на директорот на училиштето ја направив првата хуманитарна акција за Нова година во која се обезбедија повеќе од 1.200 подароци за сите ученици од училиштето, а со финансиски средства им се помогна на над 50 ученици од истата акција. Идејата е веројатно мојот карактер, начин на гледање на животот, моето внатрешно јас.

Како расте интересот за донации низ години? Кој најмногу донира? Како ги мотивирате луѓето, компаниите да донираат?

– Иако секоја година еден дел од мене се плаши дали акцијата што следи ќе биде доволно успешна со донации, на дело се покажува дека стравот воопшто не бил потребен. Бидејќи на секоја акција ѝ пристапувам со доволно време и простор за реакција, со споделување на постови на социјалните мрежи, во тој временски период некогаш по неколку денови, некогаш и секој ден, ми стигнуваат пораки, телефонски јавувања кои најмногу ми ја полнат душата. Најчесто тоа се физички лица, луѓе од градот, државата, нашинци од дијаспората, луѓе во вистинска смисла на зборот. Луѓе полни емпатија, човечност, алтруизам, кои ми се ветер во грб со години.

Последниве 3-4 години, на моја голема радост почнаа да се вклучуваат и одреден број на компании. Повеќето од нив се компании од Свети Николе – МИК Месна индустрија, Алгомак, Лион, винарија Фудтопија, веќе втора година добивам поддршка и од компанијата Зегин. Најтешкото во оваа работа, со оглед во времето во кое живееме, е да стекнеш сериозна доверба како кај добрите луѓе, уште потешко кај компаниите. И со право, затоа што чести се примерите во нашата држава дека преку името на хуманоста се изневерени многу луѓе и компании. Најголема награда за мене е што целиот овој период, токму таа доверба лично од моја страна не е изневерена. Потребно е многу работа, труд, време за да бидеш препознаен како човек кој она што го работи, го работи од срце. Она што стасува кај мене секогаш завршува на вистинското место. Чистиот образ, внатрешниот мир и споделената радост кај децата се она што ме одржува, мотивира и движи напред.

Донираат и луѓе од странство. Кои се најголемите проблеми со кои се соочувате во организацијата на акцијата? (Во смисла, проблематична достава, немање логистика итн.)

– Да, секоја година донираат добри луѓе од различни земји. Некои од нив се верни поддржувачи години наназад. Секогаш се трудам во комуникацијата со сите луѓе кои ќе се вклучат во која било од моите акции за помош да бидам пред сè искрен, транспарентен и човек од доверба. Проблеми секогаш има, но им благодарам на мал круг на мои блиски луѓе кои се секогаш тука за да ги решиме. За време на пандемијата пристигнуваа пратки од странство каде наши луѓе од таму наоѓаа решенија како помошта да пристигне до мене со бесплатен превоз, локални карго компании бесплатно да ги достават пратките до други градови во државата.

Кругот на блиски пријатели се често и превозници на донации од еден град до друг, товараат и растовараат со мене, пакуваат, па за среќа секоја акција завршила навремено и таму каде треба. Иако на број се малку, среќен сум што ги имам покрај мене, на нив сум им вечно благодарен што секогаш се тука. Оваа година од блиска личност добив и слободен простор за сместување на поголема количина донации, што значи дека во сето ова сепак има луѓе кои доволно ме познаваат, почитуваат, го препознаваат она што го работам и ми даваат поддршка и ми се ветер во грб.

Колку деца сте израдувале во изминативе години?

– Верувале или не, на ова не сум размислувал никогаш. Најчесто бројам кога ќе започне една акција, дали она што доаѓа кај мене ќе биде доволно. Никогаш не сум зацртал дека со една акција треба да помогнам на зацртана бројка на деца. Но, најголема радост ми е што секоја акција ги надминала моите очекувања. Ако првите години, фокусот ми биле деца од мојата општина, а низ годините тоа продолжило ширум државата, тоа мене ми е најдобрата потврда дека она што го работам расте од година во година. Во една календарска година традиција ми се две акции – собирање на училиштен прибор и новогодишни пакетчиња.

Но, во секоја календарска година често ќе се појави потреба и од друг вид на акција каде пак во фокусот се најчесто деца, но и социјално загрозени семејства. Често се случувало да се вклучам во друга хуманитарна акција организирана од некој друг или некое здружение и каде за среќа имало силен импакт. Со самото тоа бројката на пружена помош е повеќекратно поголема, што секако ми е радост, оти мојот повик за помош вродил со плод. Во последниве десетина години, во сите организирани акции од мене, и акции во кои сум се вклучил без разлика дали било помош на деца, семејства, поединци, надмината е бројката од 10.000 лица, најмногу од нив деца. Оваа помош се состоела од облека, обувки, храна, хигиенски пакети, училиштен прибор, ИТ уреди, книги, учебници, лекови, бебешка храна, ортопедски помагала, бесплатна храна за ученици, новогодишни пакетчиња.

Раскажете ни една анегдота која ве трогнала?

– Често децата не знаат дека некој момент на радост бил токму од мене. Ниту треба да знаат. Јас само ја споделувам добрината на сите оние луѓе кои веруваат во мене и она што го работам. Најчесто сум оној кој во позадина организира сè, трча, моли каде треба, пакува и доставува до училишта, здруженија, институции. Никогаш не сум објавил слика на дете кое добива помош, ниту слика на која мене ме има како делам помош. За транспарентност на секоја акција може само да објавам полн гепек со донации, прибор, пакетчиња, храна, облека, зашто неопходна е искренст и транспарентност кон сите, особено луѓето кои веруваат во мене. Тоа не значи дека не сум бил присутен, доста често имам грутка во грлото, солзи во очите, едноставно ги нарекувам тектонски поместувања на душа. И колку и да се тешки, бесценети се!

Има неброени примери: самохрана мајка која те гушка и плаче оти си и обезбедил велигденска трпеза за неа и нејзините три деца, солзи и најголема насмевка на лицето на деца со компјутер за онлајн настава, облечен полуматурант, скап лек за дете со посебни потреби и погледот на родителот, радоста во очи и полното меше на деца кои ја јадат ужинката која со години ја немале. Ортопедско помагало на родител за своето дете врзано за кревет, заборавени бабички во пензионерски дом кога децата од одделение им носат подароци, деца од СОС Детско село кои веќе те познаваат и сакаат како никој друг на светот, а им носиш нешто што секое дете треба да го има. Во нивните очи сјај и благодарност како никој друг, сестрички напуштени од родител, кои плачат од радост дека си им го донел најскапото и најубавото. Баба која плаче од радост затоа што си донел храна и облека за нејзините внучиња, тешко болна мајка за која се грижат децата со сјај во очите затоа што им ги штитиш децата од перење на алишта со нова машина за перење. Солзи и радост за нови патики, диоптриски очила, облека за полуматура, нов ранец, прибор и топла облека, пакетчиња, играчка… Вака би набројувал со денови, а кога и да се потсетам, па и сега додека пишувам има грутка во грло и влажни очи.

Зошто го правите ова?

– Поради сè претходно што напишав. Веројатно и поради тоа како животот секој од нас не обликува и дефинира. По природа сум човек кој ретко зборува за себе, оваа година кога влегов во Топ 50 најдобри наставници на светот, за првпат излезе во јавност дека сум човек кој рано ги загубил своите родители. На неполни 15 години останав без родители и верувам дека тоа е еден дел од одговорот на вашето прашање. Далеку дека ова е нешто што го кријам, едноставно не сум чувствувал потреба да го знае јавноста, уште помалку тоа да биде било како поврзано со мојата работа како наставник. Верувам во добрината и покрај сè што носи животот, а за добрина не е потребна причина. Потребна е желба, ништо повеќе.

Особено во време кога се изгубија сите морални вредности, кога сè повеќе гледаш осамени и тажни луѓе околу себе. Кога насмевката ја нема, кога животот натежнал, пробај и обиди се да бидеш човек! Не е тешко, секоја добрина од срце што ќе ја направиш, те полни како ништо друго на светот. Краток ни е рокот на траење како битија, затоа обиди се да оставиш траг во времето и кај луѓето. Оти тогаш ќе знаеш дека си го победил времето, кога знаеш дека вредело, кога си бил и радост, и надеж и добрина и верба на секој оној на кој најмногу му требало. А кога сето ова им го даваш на децата, помножи го со бесконечност!

Сподели