Илдико Ењеди, лауреатка на „Киненова“: Се восхитувам што ја славите првата работа на младите режисери

Филмот „Херои на работничката класа“ на Милош Пушиќ од Србија ќе биде прикажан вечерва во 20.30 часот во киното „Милениум“, а романскиот „Беспрекорен“ ќе следува во 22.30 часот.

Со врачувањето на наградата за особен придонес во филмската уметност на унгарската режисерка Илдико Ењеди и проекција на хрватскиот филм „Чичко” свечено беше отворен 7. Меѓународен филмски фестивал „Киненова“, фестивал што промовира први и втори филмски остварувања на авторите од целиот свет.
Филмовите на Илдико Ењеди донесоа нови перцепции за едноставното и она што вознемирува. Филмска авторка со голем талент, почитувана, славена, наградувана со најпрестижните филмски фестивалски награди низ светот, рече Небојша Јовановиќ, директор на МФФ Киненова врачувајќи и го признанието на годинешната лауреатка.

-Навистина сум трогната, пред сè, поради доделената награда, а потоа и возбудена бидејќи ја добивам од фестивал што ги прикажува првите и вторите филмови. Првиот филм е секогаш нешто многу посебно во кариерата на режисерот. Се надевам дека ќе откриете прекрасни таленти и се восхитувам и ја почитувам снагата и енергијата на фестивалот што прави многу важна работа – ја слави првата работа на овие млади режисери – истакна Ењеди.

Фестивалот „Киненова”се изнедри од ентузијазам и борба за слободен авторски израз кој му дава ветер во грб на секој млад и храбар филмски автор во промовирање на своите дела.

-Во време на силна поларизираност во целиот свет. Социо-економска и политичка нестабилност и непредвидливост, најранливи области стануваат уметноста и културата. Недостатокот на длабок и суштествен дијалог како и засилувањето на воинствената и агресивна реторика ја засилуваат суштествената улога на уметноста во светот. Секако тука важен дел зазема филмот, а фестивалите стануваат исклучително важна алка за одржување во живот на истата. Фестивалите, пак кои трагаат по новите важни филмски авторски гласови и овозможуваат простор за нивните први дела стануваат есенција во процесот на опстанок и развој на филмот како уметност. Секако таков е „Киненова”. Стигнавме и до седмото издание. Седумка е вообичаено среќен број. Имаме, среќни, вредни и талентирани луѓе, врвни филмски автори кои ни гостуваат на Фестивалот, рече Јовановиќ.

Фестивалот го отворија младите хрватски режисери Андрија Мардешиќ и Давид Капац, чиј филм „Чичко” е дел од главната натпреварувачка програма на Фестивалот.

– Чест ни е што во толкав голем број дојдовте вечерва. Ние филмот почнавме да го работиме во истата година кога се одржал и овој фестивал за прв пат, пред седум години, така што филмот и фестивалот се иста возраст. Два дена се дружиме со овие прекрасни луѓе и за нас ова е голема одговорност и голем предизвик што одлучивте да го прикажете нашиот филм на отворањето на Фестивалот. Вообичаено сите велат „уживајте во филмот”, но ние би сакале вечерва да ви кажеме „среќно”! – рекоа Андрија и Давид отворајќи го фестивалот.

Улогите во „Чичко” ги толкуваат: Предраг Мики Манојловиќ, Ивана Рошчиќ, Горан Богдан, Роко Сикавица, Каја Шишмановиќ.  Дејствието на филмот се случува во Југославија, доцни 80-ти. Семејството го пречекува својот омилен чичко кој за божиќните празници се враќа од Германија. Повторно собраното семејство ужива во празничниот ручек. Дружбата за момент ја прекинува ѕвонењето на паметниот телефон. Набргу станува јасно дека не се работи за 80-те години, а се чини и дека не се работи за Божиќ. Освен свечено испечената мисирка, изгледа дека со ножот може да се пресече и напнатоста во воздухот.

 

Повеќе за програмата, на следниот линк

Сподели