Манастирската црква „Рождество на Пресвета Богородица“ во струшкото село Калишта, покрај Охридското Езеро, го одбележува денешниот ден, 21 септември или Мала Богородица, како свој празник. Манастирскиот комплекс Калишта е познат и по иконата на Пресвета Богородица, или кај народот позната како Црна Богородица.
Таа се чува во новата црква Рождество на Пресвета Богородица. Оваа икона е многу ретка, бидејќи Богородица и малиот Исус се насликани со црна боја. Многу верници ја посетуваат оваа црква токму поради иконата и верувањето дека има исцелителна моќ. Особено на празникот на манастирот Рождество на Пресвета Богородица доаѓаат многу неротки кои веруваат во исцелителната моќ на иконата за да се поклонат пред неа.
Многумина веруваат во нејзината исцелителна моќ и доаѓаат тука искрено да се помолат. Интересни се кажувањата дека за време на Втората светска војна на неколкупати иконата била фрлана во Езерото заврзана за некој товар за да биде уништена, но секогаш се враќала во манастирот неоштетена, што говори за нејзината моќ, раскажуваат мештаните.
Во рамките на манастирскиот комплекс се наоѓа и една пештерска црква „Св. Атанасиј Велики“.Манастирскиот живот почнува во карпите уште пред 1.000 години. Има малку пишани документи, но приказните се раскажуваат и се пренесуваат од претходните генерации. Стрмни скали водат до оваа црква.