Игра за шестмина

Пишува: Марија Митева, поетеса и писателка

Наташа ме покани да напишам еден гоБЛЕН во рамки на нејзиниот блог БЛЕН.мк. Поканата ме израдува од две причини: прво, затоа што знам со колку љубов и внимание Наташа го везе својот гоблен и дека ако ми отстапи простор е поради тоа што верува дека со исто толку внимание и љубов ќе го продолжам везењето. Ова ми создаде и малку притисок, ама решив притисокот да го преименувам во предизвик и ете ме веднаш подготвена со планинарски ранец, да видам каде ќе нè однесат нејзините свилени конци. А втората причина е зошто ми ја погоди темата: Пишувањето и ентузијазмот – како да се задржи, како да се издржи при сите предизвици на нашава сцена да не се изгуби, од каде да се црпи – твое искуство.

Растргната помеѓу денската (8-часовниот работен ден, кој морам да бидам искрена колку и да ме изморува – ме исполнува) и ноќната работа (пишувањето и мечтаењето), решив да го отворам лап-топот, да кликнам на празниот лист и да почнам да одговарам на темата. Блеев во белината некое време. Мислите одлетаа. Погледнав на страна од лап-топот, кога еве ги, стигнале моите потстанари на работен состанок. Инспирација, Анксиозност, Техника и Љубопитност седнале на мојата маса и ме гледаат. Среќна бев што ги видов, конечно да се собереме.

Ме изненади Инспирација, таа обично доаѓа кога сака и си оди кога сака, ќе фрли некоја мисла и ќе фати магла. Ќе ми дошепне нешто и станува сè погласна и погласна, како бура ми ги превртува мислите, сите други замисли стануваат тивки од нејзиниот шепот. Хаотична е, одлучна е во својата идеја, но не сака баш да ја потпрашувам. Тогаш бледее, ветви, се склопчува. Нејсе, денес е дојдена на време на состанокот и седи на чело на масата. Облечена е во некоја беж сребреникава нијанса со својата густо црвена коса која ù паѓа на рамената. Секогаш ù е таква на почеток, а како одминува процесот, така ја менува својата коса. Низ некои разговори може да ги смени сите форми и нијанси, а еднаш дури ù падна целата коса. Инспирација има чисто лице, благо румени образи, долги прсти и мириса на ванила и шафран. Таа е одличен слушач. Има своја кутија, која гледам дека и денес ја понела со себе, со разно-разни фотографски мемории, безсмислени реченици, неупотребени емоции, заборавени сонови, звуци и мириси. Таа ги носи Ориентот и Западот во себе. Брза и непредвидлива е како ветер. Брзо знае да растргне, но и да донесе облаци. На неа не можам секогаш да се потпрам, но нејзиното влијание е секогаш клучно и неминовно. Секој пат ме возбудува нејзиното присуство до толку што немам доволно брзи прсти за да ја следам нејзината мисла, ми прави хаос низ и онака немирните сокаци на мојата глава, ме тера да ја следам, па голтам букви, мешам јазици, чкртам, бришам, од почеток почнувам – таа веќе си заминала. Ја нема. Затворам лап-топ. Чекам друг ден, за да се појави некој од моите други потстанари, зошто неа ја знам, нема да се појави уште некое време…

Читајте повеќе на БЛЕН.МК.

Сподели