„Европски начела за квалитет на интревенции финансирани од ЕУ со потенцијално влијание врз културното наследство“ е насловот на изданието кое денеска во 11 часот ќе биде промовирано во Europe House – Скопје. Промоцијата ќе биде проследена со дискусија за изданието на ИКОМОС Македонија и на повеќе теми поврзани со културното наследство.
Присутните ќе ги поздрават Кристина Бицева, претседателка на ИКОМОС Македонија, евроамбасадорот Дејвид Гир и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Преку видеопораки ќе се обратат Риин Алаталу, потпретседателka на ИКОМОС и Мари-Лор Левенир, генерална директорка на Меѓународниот секретаријат на ИКОМОС. За изданието ќе зборуваат Грелан Д. Рурк, од ИКОМОС Ирска, Кристина Бицева и Мери Стојанова, директорка на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Битола.
„Европските начела за квалитет за интервенции финансирани од ЕУ со потенцијално влијание врз културното наследство“ е меѓусекторски документ на ИКОМОС што произлегува од работата на експертската група составена од ИКОМОС, под мандат на Европската комисија и во рамките на Водечката иницијатива на Европската Унија за Европската година на негување на наследството: развивање стандарди за квалитет за проекти финансирани од ЕУ кои имаат потенцијал да влијаат врз културното наследство.
– Главната цел на документот е да даде насоки за начелата на квалитет за сите засегнати или индиректно вклучени во проектите за заштита и управување со културното наследство, главно поврзани со градителското наследство и културните предели, а кои се финансирани од Европската Унија. Тука се вклучени и европските и институциите на културното наследство, меѓународните организации, граѓанското општество и локалните заедници, но и приватниот сектор и експертите. Документот се фокусира на суштинското прашање за квалитетот, резимирајќи ги клучните повелби, европски и меѓународни конвенции и стандарди, како и промените во разбирањето и практиката на заштитата на културното наследство. Наведени се културни, социјални и економски придобивки, како и придобивки кои влијаат врз животната произлегуваат од примената на начелата за квалитет – велат организаторите.
Документот е преведен на македонски јазик за да ги доближи неговите содржини до македонските професионалци од областа на заштитата на културното наследство, како и релевантните носители на одлуки кога станува збор за програми финансирани од ЕУ во кои земјата има право да учествува.