Во музејските работници е моќта на промените, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска
„Музеите се толкувачи на нашата историја и современа културна вистина. Тие зборуваат за нашиот национален идентитет, засекогаш ќе служат како извор на нови сознанија и ќе егзистираат како постојан и активен центар за учење во државава, но и надвор од неа“, рече вчера министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на одлебележувањето на 18 Мај, Меѓународниот ден на музеите што се одржа во Музејот на Македонија во Старата скопска чаршија.
Mинистерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска
– Музеите и нивната работа се нашата слика во светот. И покрај сите неизвесности и предизвици, длабоко верувам дека во музејските работници е моќта на промените – рече Костадиновска-Стојчевска.
Во Музејот на Македонија вчера се одржа и советувања на тема „Моќта на музеите“ што го организираше Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ). Беше отворена и изложбата „Гозби за живите, претците, боговите и светците“ на етнологот Јован Шурбаноски.
Претседателката на МНК ИКОМ, Маја Чанкуловска-Михајловска рече доколку ја согледаме пирамидата на моќта на потребите, културата е на врвот на човековите потреби, така треба и да остане.
– Тоа е веројатно оној дел кој се нарекува привилегија или моќ, но од друга страна стои и нашата лична и општествена одговорност. Што можеме ние самите да придонесеме во моќта на музеите, а што може државата да придонесе во подобрување на работата на музеите, што секогаш е потребно во многу аспекти, дури и во 21 век – рече Чанкуловска-Михајловска.
Според претседателката на МНК Син Штит, Оливера Џартовска-Тачевска, ако сакаме да ја сочуваме моќта во нашите раце, треба да направиме сè за правилна заштита на артефактите.
– Тоа подразбира правилни услови на депонирање и изложување на предметите, правилни постапки на конзервација и реставрација, валоризација и изработка на планови за евакуација за заштита при кризни случаи, методи и реквизити при подготовка за евакуација на движни културни добра… Тоа се основни предсостојби кои ни ја гарантираат доследноста на моќта – рече Џартовска-Тачевска.
Во рамките на одбележувањето по 14. пат ќе биде доделена и традиционалната награда „18 Мај – Меѓународен ден на музеите“ за особени достигнувања во музејската дејност за 2021 година.
Добитници на наградите се:
– Музеј на годината – Музеј на град Скопје;
– Музејски проект на годината – Национална галерија на Македонија, за проектот „Димче Коцо – Јубилеј 110 години од раѓање“;
– Музејски работник на годината – Јасминка Намичева, кустос советник во Музеј на град Скопје;
– Надворешен музејски соработник – Умно.мк;
– Надворешен музејски соработник – Бојана Јанева за проектот „Најново нормално“.
Добитници на пофалници се:
– Музеј на годината – Музеј на современата уметност – Скопје;
– Музејски проект на годината – Музејот на Народната банка за проектот „Видеобелешки на Музејот на Народната банка“;
– Музејски проект на годината – Славица Крстиќ за проектот „Цркви и манастири во Жеглигово“.