Да се стигне до проект во театар и да се почувствуваш како млад режисер/ка во земјава е исто како да си морнар во оваа земја. Учиш и се надградуваш, а нема каде да ги артикулираш преокупациите кои акутно бараат да ги раскажеш на сцена – вели Александар Ивановски, корежисер на претставата „Ивона, принцезата на Бургунд“
Претставата „Ивона, принцезата на Бургунд“ е претстава што во Театар Комедија во ноември минатата година ја поставија заедно режисерите Билјана Радиноска и Александар Ивановски. Токму со премиерата на ова дело од Витолд Гомбрович, познатиот полски автор, Театар Комедија доби и ново гледалиште, нова удобност за публиката. Претставата, која вечерва во 20 часот е на реперотарот на Комедија, е повод да поразговараме со режисерите, кои работат и на независната сцена.
– На некој начин, поставувањето на „Ивона, принцезата на Бургунд“ претставува и историски момент за Театар Комедија, кој иако е релативно нов театар, може да се пофали со својот ансамбл, репертоар, а особено со посетеноста од публиката. Мене ми беше задоволство да бидам дел од таа приказна заедно со колегата режисер Александар Ивановски, вели Радиноска.

Билјана Радиноска и Александар Ивановски
Креативниот тим беше составен од уметници вработени во театарот, односно Благица Секуловска како драматуг, Војдан Запров – сценограф, Ивана Каранфиловска Угуровска – костим и Оливер Јосифовски – музика, a значаен ракурс донесе и светло дизајнерот Милчо Александров кој во последната фаза од процесот и овозможи на претставата да добие еден свој лик, лик кој во голема мера се создаде заради беспрекорната соработка на креативниот тим со ансамблот, објаснува таа.
– Сите овие сектори со кои имав чест да работам беа негувани од инспициентот Александар Јордановски и продуцентката Татјана Дешко. Во таа смисла имавме многу убаво искуство од работата во Театар Комедија и се надеваме на идни соработки.
На прашањето како е да се работи во тандем, зашто сепак режијата е многу индивидуална активност, Ивановски вели:
– Со Билјана Радиноска се знам подолго време и за неа и нејзината работа секогаш сум имал почит и љубопитност. Пристапот кој таа го негува во своите претстави како и сензибилитетот со кој успева да ги артикулира прашањата кои ги обработува на сцена, отсекогаш сум ги чувствувал блиски до некои мои замисли за тоа како би требало да се работат театарските процеси. Така што во таа смисла веројатно и не беше тешко да функционираме како тандем. Всушност, ние во овој процес влеговме како во мрачен тунел и се имавме само себе, другите соработници и нашето незнаење. Во тие околности не останува ништо друго освен да си веруваме, а ние тоа го правевме безрезервно и оттука несогласувањата се појавуваа само кога секој од нас мислеше дека идејата на другиот е подобра.

Пред 10 години Билјана Радиноска ја постави претставата „Да ми го поздравиш и да ми го бациш“ во продукција на „Артопија“. И по 10 години од премиерата, оваа претстава е многу важна и барана.
– За мене, „Да го поздравиш“ е плод на сите претстави кои ги сработев на независна сцена годините пред неа односно: Звукот на коските кој се кршат, Мизантроп, Федра, Привид, Конфузија, а воедно и работата во институција „Човекот кој го изеде светот“ во Драмскиот театар и „Зад кулисите или да го заборавиме сето она кое не се случи меѓу нас“ во Кумановскиот театар. Во „Да го поздравиш“ се осмелив и да се испробам и како драматуг и како режисер и прифаќањето на таа претстава од публиката го доживеав како кулминација на публиката која ја градев со години пред тоа – објаснува Билјана.
Радиноска во изминатите неколку години имаше неколку проекти и надвор од Македонија.
– Мене ме интересира театарот, ме интересира што го прави да е жив и од таму се нафаќам на неконвенционални процеси на работа кои ме имаат однесено да работам на многу европски сцени. Се надевам дека знаењето што го имам собрано од надвор ќе можам да продолжам да го градам, и да го споделувам и дома, со домашната публика – вели таа.
Минатата година таа ја работеше и монодрамта „Коса, порои на бес“ – монодрама во која игра Бојан Кирковски, копродукција со Театар на Магдалена, за што Радиноска е благодарна што добиле простор и поддршка токму во Театар Комедија. Таа ја отвора темата за тоа колку е важно театрите да имаат стратегија за независната сцена.
– Не се работи за тоа дали е важно или не да се отворат вратите. Чии врати? Не се од родителите тие врати на театрите. Целата работа е што независната сцена е претставена како прашање на естетика, но е прашање на етика и на т.н социјален статус. Мораш да имаш денска работа за да одиш на проба на независна сцена, односно, мораш да заработиш за да работиш. Малку е лудо. Разни театри имаат разни пракси во однос на ова прашање, но зависи од директор до директор. Така што нешто што треба да е државно културно прашање е сведено на субјективни чувства на поединци од позиција на моќ. Мислам дека во таква поставеност на позициите на моќ и ресурси, ние не можеме да зборуваме за независна сцена – истакна Радиноска.

Сцена од „Ивона, принцезата на Бургунд“
Во 2023 година Александар Ивановски ја постави претставата „Поткровје“ според Артур Милер. Токму таа претстава имала важно формативно искуство од повеќе аспекти, зашто додека ја работел, не знаел дали воопшто ќе ја доживее својата премиера.
– Пробите ги правевме во МКЦ и во Театар Комедија и сум многу среќен што добивме седум дена за да ја доработиме и изведеме премиерно во МНТ. Претставата помина одлично, па оттука и беше препознаена и ставена на редовниот репертоар, па дури беше пратена и на неколку фестивали од страна на театарот. Не сум сигурен за бројот на изведби, мислам дека беа десетина, а зошто таа претстава не се игра повеќе е прашање кое треба да се адресира на друго место – вели Ивановски.
Никогаш не сум мислел ниту очекувал да бидам поддржан од кого било. Секој може да каже дека условите во кои ние работиме или се трудиме да работиме се подолу и од најосновното ниво, и кога се обидувам тоа да го објаснам на луѓе кои не се дел од оваа фела најчесто наидувам на неверување од нивна страна.
– Но како и да е, единствен кој се одважил и кој навистина со дело ме поканил и дозволил да работам во театарска институција бил директорот на Театар Комедија, Дарко Спасов. Можеби звучи апсурдно, но мене лично досега ми се случило повеќе пати да ме поканат, отколку да ми се реализираат претставите за кои сум поканет. Токму тоа и ме тера да се чувствувам дека ова што се трудам да го работам за мене е хоби, а не главна професија. Со тоа, зборувам исклучиво за себе – да, да се стигне до проект во театар и да се почувствуваш како млад режисер/ка во земјава е исто како да си морнар во оваа земја. Учиш и се надградуваш, а нема каде да ги артикулираш преокупациите кои акутно бараат да ги раскажеш на сцена – завршува Александар.





