„И во огнот штом ќе запролети“ е насловот на изложбата од Перица Георгиев-Пепси која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Чифте амам во Старата скопска чаршија. Со изложбата во Национална галерија, неформалната камерна ретроспектива на дела од периодот на неговото делување од крајот на минатиот милениум, Георгиев ја воведува публиката во егзистенцијално-духовни прашања и ги бара одговорите за смислата на животот и филозофијата за сопственото постоење.

– Со својата ликовна лексика, авторот говори за внатрешниот импулс и надворешната експресија. Неговите дела претставуваат интимно-имагинарен дневник, тие се плод на личен белег и единство, кое сведочи за творечката енергија како слика на неговата душа и сензибилитет, додека возвишеното, трансцендентното, својата форма ја наоѓа во динамиката на потегот, формата, бојата, светлината… За него сликата е простор за преиспитување на емоционалното присуство на човекот и на потрагата по личната вистина и суштината на постоењето. Оттука, во овие негови дела може да се откријат елементи од потсвеста, психата и потиснатите чувства, каде духот продуцира слика – велат организаторите.

Георгиев е роден во 1957 година, во Скопје. Завршил средно уметничко училиште и дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1987 година. Во 1984 година сосема природни се неговите први настапи со групата „Зеро“, во која учествуваат повеќе уметници и музичари. Заедно излагаат во полето на колажот, инсталацијата, анимацијата, видеото, музичките и мултимедијални хепенинзи. Тој остави белег во македонската уметност како еден од уметниците во групата „Зеро“, која беше активна во 1980-тите и влијаеше врз генерации македонски уметници. Оваа група се појави како своевиден андерграунд одговор на тогашната уметничка сцена, воспоставена во социјалистичкиот режим на СФРЈ.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.