И со болката се вежба, само треба да се смееш, вели Јана Кепеска, талентирана балерина

Јана е една од најталентираните млади балерини во Македонија и е дел од серијалот „Идолите на Халки“

Со насмевка на лицето, Јана Кепеска од Скопје секој ден по неколку часа упорно ги повторува балетските вежби во Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“. Насмевката е тука и кога чувствува болка во нозете, во телото.
– И со болката се вежба, само треба да се смееш – вели Јана и повторно се насмевнува.

Јана Кепеска

Јана е една од најталентираните млади балерини во Македонија и е дел од серијалот „Идолите на Халки“. Таа има 13 години и учи во основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Скопје, е веќе шест години секое попладне оди на балет во „Илија Николовски-Луј“. Љубовта кон оваа уметност не ја спречува да вежба секојдневно и макотрпно.
– Вљубена сум во балетот и многу ми е убаво тука. Би сакала да продолжам и во средно. Се чувствувам среќна тука – вели Јана.

Талентот за танцување бил очигледен кај Јана уште кога била многу мала, вели мајка ѝ Наташа Кепеска. Кола имала 3-4 години сакала многу да танцува и ја запишале во студио за танц.
– Успешно напредуваше, но наскоро наставничката ни рече дека не е за таму, дека е талентирана за класичен балет. И така почна да оди во балетското училиште – вели Кепеска.

Правата година почнала полека, но веќе во втората година под раководство на педагогот Дафина Данилоска-Кочевска блеснал талентот на Јана.
– Наставничката Дафина ми ја вроди љубовта кон балетот. За целиот успех досега таа е заслужна – вели Јана.

Јана со педагогот Дафина Данилоска-Кочевска

Во пространата сала во балетското училиште Јана упорно вежба под будното око на Данилоска-Кочевска, која ја забележува и најситната грешка и ја враќа назад, за да ја коригира и да ја изведе вежбата совршено.
– Балетот не е само уметност, туку и врвна физичка подготвоност. Младите балерини мора постојано и постојано да ги повтороуваат истите вежби. Затоа најуспешните балерини, не само кај нас, туку и во светот, мора да се многу упорни – вели Данилоска-Кочевска.

Јана вежба балет по неколку часа секој работен ден и во саботите, а кога има потреба и во неделите.
– Се разбира, многу е напорно, но со љубов сè може да се направи и ова мене не ми претставува проблем. Најмногу боли „во главата“, ако не мислиме на тоа не е проблем – вели Јана.

Балетот е секогаш на прво место, иако Јана има интерес и за компјутери и секоја сабота посетува курс по информатика. Штедењето, пак, е дел од секојдневието. Јана штеди за кога ќе порасне, да си исполни некоја желба и воопшто, за да си има заштеда.

Јана и Данилоска-Кочевска во Измир

Минатото лето таа со својата наставнипка беше на камп по балет во Измир, Турција. Таму запознала многу нови девојчиња, и со наставниците имала многу интересно искуство и научила многу работи.
– Балетската школа таму е различна од таа во Македонија. Тие се понапред од нас. На пример ние ако сме сè уште на некои основни вежби, тие веќе се на големи скокови – вели Јана.

Омилени ѝ се класичните костуми, затоа што е елегантни и ужива да ги носи. Засега омилена ѝ е варијацијата Китри од балетот „Дин Кихот“. И додека вежба во една од салите на „Илија Николовски-Луј“, Јана со насмевка и неверојатна леснотија изведува движења на шпиц-патики и сонува за иднината.
– За отприлика пет-десет години, се гледам себеси на некоја голема сцена – завржува младата талентирана балерина.

Фото: Борис Каески

Сподели