Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ ќе го започне своето 42. издание вечерва во 20 часот во Пацио на Музејот во Битола, со проекцијата на филмот „Сестри“ на режисерката Дина Дума. Во Битола веќе пристигна Кристијан Бергер, добитникот на „Златна камера 300“ за животно дело, како и членовите на меѓународното жири, предводени од Суки Меденчевиќ, претседател на жирито.

Кристијан Бергер пристигна во Битола
За наградите на фестивалот годинава ќе одлучуваат и: Филип Бергсон, филмски критичар од Велика Британија, Вим Ванaкер, белгиски режисер, Соња Просенц, продуцент од Словенија и Димо Попов, член на Македонското друштво на кинематографери, но и на Турското друштво на кинематографери.
Мотото на фестивалот годинава е „И покрај сè“.
Неколку активности бележи фестивалот пред самиот почеток. Беше организирана филмска работилница „Наследниците на Манаки“, што ја водеше режисерката Марија Џиџева. Во текот на фестивалот самостојно ќе снимаат кратки филмови кои ќе бидат прикажани пред жири-комисија на крајот на фестивалот. Најдобриот филм ќе добие вредносна награда. Оваа работилнива беше тридневно патување низ времето и запознавање со филмската историја и филмскиот јазик преку животот и работата на браќата Манаки со можност за средба и разговор со последниот ученик на браќата Манаки, Стефан Хаџи-Андоновски. Работилницата се реализираше во соработка со Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“.

Босанскиот режисер Суки Меденчевиќ е претседател на жирито
Како предвесник на фестивалот, битолчани можеа да видат необична изложба. Иницијативата „Мети си со класнето” под менторство на Марија Магдалена Петковска Микаровска, во соработка со две професорки по ликовна уметност направија од ништо-нешто, или како што самите велат From Trash to Treasure. Иницијативата е поддржана од Божиновски часовници, Центар за култура-Битола и ИФФК „Браќа Манаки” и на присутните им беа претставени 40 скулптури, меѓу кои бидермаер, камера 300, роботи, згради и други мошне креативни инсталации, кои во некоја друга форма би завршиле на отпадот во Мегленци.

Селектор на програмата годинава е Слаѓан Пенев, кој избра 10 наслови, а за офф-програмата е задолжен Тоше Ивановски.





