По повод 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби вечерва во 18 часот во Домот на културата „Крсте Мисирков“ во Свети Николе ќе биде отворена изложбата на фотопортрети „И јас сум тука“ на авторите Тоше Огњанов и Сребра Ѓорѓијевска. Изложбата вклучува 20 лица со посебни потреби од повеќе градови од Македонија на различна возраст, а портретите се придружени и од приказни посветени на нив. На настанот ќе бидат промовирани и книгата „И јас сум тука“, во која се сместени сите приказни на луѓето-учесници на изложбата, како и македонскиот превод на „Не престанувајте да се гушкате“ од Оса Емрот, книга со цитати на актерите од театарот „Глада Худик“ од Шведска.
По отворањето на изложбата, во 18.30 часот во киносалата при Домот на културата ќе биде прикажан и документарниот филм „Модна ревија: Од Глада Худик до Њујорк“ во режија на Јохан Ског, популарен филм во Шведска во кој учествуваат актерите од театарот „Глада Худик“, на кои им се остварува животниот сон да учествуваат на модна ревија во Њујорк.

„И јас сум тука“ е дел од проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, чиј иницијатор е театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска, со поддршка на Шведскиот институт. Ова е проект кој во Шведска од 2014 година дал одлични резултати во борбата против предрасудите, а во Македонија се спроведува од 2020 година. Здружението на граѓани за поддршка на лицата со посебни потреби „Солем“ преку разни активности две години се вклучи во проектот за што повеќе деца во земјава да бидат опфатени преку активности реализирани во училиштата. Годинава партнер во реализацијата на овие работилници е здружението „Дајте ни крилја“ и Ребека Јанковски-Ристески.





