Третото издание на Фестивалот на класична музика „Класичен меѓународен фестивал Струмица 2024“ ќе биде отворено вечерва во 20 часот во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица со концерт на клавирското трио „3-ОС“. во триото членуваат виолинистот Кирил Наумов, виолончелистот Жељко Штрбац и пијанистот Мирослав Мајиќ, професионални дипломирани музичари, кои долги години активно соработуваат со културните институции во Хрватска како оркестарски уметници, како педагози во музичките училишта и како високи уметнички соработници на камерна музика на Академијата за уметност и култура во Осиек. Настапувале во Хрватска и во странство со истакнати хрватски и странски оркестри, ансамбли и камерни состави на голем број концерти.
Најголемиот дел од програмата е посветен на камерната музика.
– Идејата на фестивалот е да ги претставиме врвните македонски уметници што ја негуваат камерната музика, но и гости од соседните земји, Европа и пошироко. Струмица е град со традиција и историско културно наследство од сите сфери, град што ги сака музичката уметност, театарот, филмот, сликарството и културата воопшто. Идејата потекна од нас, група професионални музичари од Филхармонијата, Операта и колеги од музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица, оформени во здружение на граѓани со име на фестивалот, со цел да направиме допадлив и квалитетен фестивал, единствен од таков вид кај нас, презентирајќи претежно камерна музика во состави како дуо, трио, квартет, квинтет, октет, хорови, камерни оркестри итн. Идејата за фестивалот со задоволство ја прифатија и поддржаа градоначалникот на градот и Советот на Општина Струмица, за што им благодариме за поддршката – истакнува проф. м-р Васил Атанасов, селектор на фестивалска програма на „Класичниот меѓународен фестивал Струмица 2024“.
Досега на фестивалот, освен познати македонски уметници, настапуваа и гости од Србија, Бугарија, Грција, Словенија, а годинава гостуваат и уметници од Хрватска.
На 3 јуни, во 20 часот, во црковниот храм „Св. Петнаесет тивериополски великомаченици“, концерт ќе има градскиот мешан хор „Гортинија“ од Македонија со диригентот Илија Атанасов.
Концертот на „Дуо гитари“ од Бугарија во состав на Цветелина Брешкова и Божидара Трохарова е закажан за 5 јуни, во 20 часот. „Дуо пијано“ со Тања Божиновска и Билјана Димовска од Македонија ќе има концерт на 7 јуни.