Хрватската писателка и сценаристка Дора Шустиќ на книжевна резиденција во Скопје

Во рамки на резиденцијалната програма на издавачката куќа „Готен“, поддржана од европската мрежа за превод и книги „Традуки“, на книжевна резиденција во Скопје во првата половина од април престојува Дора Шустиќ. Дора Шустиќ (1991, Риека) е писателка и сценаристка. Дипломирала политички науки во Љубљана и сценаристика на ФАМУ во Прага. Живеела во Истанбул, Берлин, Љубљана и Загреб, каде што моментлано работи како сценаристка и развива свои филмски и книжевни проекти.

Објавува кратки раскази, песни, новинарски текстови и есеи на хрватски, словенечки и англиски јазик. Нејзиниот дебитантски роман „Пци“, објавен во 2023 година, беше финалист за најзначајната награда за роман во Хрватска, наградата „т-портал“, а ја доби книжевната награда „Драго Герваис“.

На двонеделната книжевна резиденција во Скопје, Шустиќ ќе работи на својот втор роман. Бидејќи во овој момент нејзиниот интерес е насочен на кореспонденцијата и како тема и како книжевна форма, во текот на својот престој ќе истражува разни епистоларни текстови.
Резиденцијалниот престој на Дора Шустиќ е поддржан од европската мрежа за превод и книги „Традуки“.

Сподели