Христина Георгиева и Вангел Срнаков изложуваат на тема „Пластика“

Изложбата „Plastic“ од Христина Георгиева и Вангел Срнаков е поставена во дигитална форма на каналот Јутјуб. Двајцата автори на свој начин ја обработуваат темата.

Георгиева укажува дека најлонското ќесе е еден од најупотребуваните производи од пластика, кое служи за пренесување, пакување, чување на предмети и прехранбени производи. За неговата употреба во денешницата има различни мненија и секој од нас расудувајќи стигнува до изводот дека е неопходно ограничувањето и намалувањето на нивната употреба.

 

Преку делата на Срнаков темата пластика како материјал е согледана од двоен аспект – естетски и еколошки. Во современото живеење пластиката е составен дел од нашето опкружување до таа мера што станува неприметлива односно невидлива. Од овој аспект преку ликовниот израз понудено е поинакво естетско видување на секојдневните предмети од пластика кои нè опкружуваат. Прекумерната употреба односно злоупотреба на пластиката претставува голебален еколошки проблем. Огромни количини пластика како отпад завршуваат насекаде во животниот простор, што во последно време е многу актуелна тема.

Дело од Вангел Срнаков

Христина Георгиева е родена 1988 година вo Севлиево, Бугарија. Во 2007 завршува иконопис, а во 2011 – фрескопис и педагогика на Великотрновскиот универзитет. Вангел Срнаков е роден 1975 година во Гевгелија. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Гевгелија–ДЛУГ. Учествивал на повеќе групни изложби, а реализирал три самостојни претставувања.

Сподели