Немаше 2 години, а веќе читаше, на 3 години сметаше, собирање, множење. Сега веќе, на оваа возраст сака многу наука, вели мајка му, Борка Југова-Арсов. Кико е еден од талентите во серијалот „Идолите на Халки“

Велешани го препознаваат како Кико, малиот математичар кој на седум години напамет множеше повеќецифрени броеви. На таа возраст имаше коефициент на интелигенција 154, а на последното мерење спроведено во 2019 година од универзитетска професорка имал IQ 162. Христијан Арсов денес е 7. одделение и учи во основнто училиште „Блаже Конески“ во Велес.

Кико многу го сака својот роден град. Додека разговараме во училишниот двор раскажува за сите знаменитости во градот и инсистира лично да ни ги покаже.
– Ова е најубавиот град во светот. Многу го сакам Велес и сакам да направам нешто за мојот град – вели тој со широка насмевка на лицето.

Христијан Арсов

Христијан има 11,5 години и е едно од надарените деца во Македонија. Има афинитети кон многу области, особено кон математика и природни науки. Вели дека порано му било поздодевно во школо, но сега учат повеќе предмети.
– Учиме историја и географија, а од в година ќе имаме хемија и физика. Сега по математика учиме за линиски функции, за праволиниска функција, за графирање, а пред тоа учевме за дропки, децимални броеви и претворање дропки во децимални броеви – раскажува тој.

Христијан последниве месеци е посветен на натпреварите по математика, англиски јазик и биологија, а посетува и СТЕМ-академија (science, technology, engineering and mathematics) каде учи роботика.
– Многу е интересно! Правиме од лего-коцки роботи, градиме, учиме како да програмираме.
Летно време одам на школа за пливање – вели Христијан.

Слободното време го користи за дружба со другарите. Излегуваат во маало или се шетаат низ чаршија во Велес. Секој убав ден го минува така. Тој отсекогаш бил фасциниран од вселената.
– Кога бев мал не размислував толку, сега сè повеќе размислувам на такви филозофски прашања. Бидејќи мислам дека од ништо не може да се создаде нешто, така што морало да има нешто пред вселената. Мора сè да има свој почеток, не може да нема крај, а не може од ништо да се создаде нешто, многу е чудно за мислење – вели Кико.

Борка Југова-Арсов, мајката на Христијан, објаснува дека тој многу рано, уште на година и пол се интересирал за букви и бројки.
– Немаше 2 години, а веќе читаше, на 3 години сметаше, собирање, множење. Сега веќе, на оваа возраст сака многу наука, го интересира филозофија, па сака да објасни да сподели што видел, научил. Математика, биологија, природните науки му се интерес. Сепак емоционалниот развој му е на ниво на неговоите врсницни. Сега сака да се дружи, да излегува, симпатии, сите тие нешта – раскажува таа.

Христијан со мајка си – Борка Југова-Арсов

Надареноста на Христијан ја препознале стручњаци кои работат со талентирани и надарени деца. Југова-Арсов вели дека професорите д-р Љупчо Кеверески од Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и д–р Елена Ачковска-Лешковска од Институтот за психологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје веќе работеле со Христијан и му правеле тестирање. Но, институциите не покажале интерес за случајот на Кико, иако новинари и медиуми ја пренесувале неговата приказна. Ова семејство иднината на Христијан ја гледа во друга земја.
– Во земја поразвиена од нашата. Добиваме инфпрмации од наши иселеници дека во државите во кои живеат поинаку се работи со надарени деца. Би се обиделе што е можно поскоро – вели Југова-Арсов.

Во меѓувреме, љубопитноста на Христијан не згаснува. Одговорите на своите прашања најчесто ги наоѓа на интернет, во книги и енциклопедии кои ги има дома во голем број. Тој многу сака да го сподели своето знаење. На „Јутјуб“ има свој канал каде што објаснува математички проблеми.

Последнава година открил уште една страст – сликањето.
– Ја скршив ногата и ми беше во гипс долго време. Бидејќи ми беше здодевно, почнав да сликам и научив многу добро да го правам тоа. Следам туторијали на интернет од Боб Рос, Бил Александер, но правам и други видови уметнички слики – пејзажи и мртва природа – објаснува тој.

Кико смета дека е добро да се штеди бидејќи така се развива рутина за чување на парите. Вели дека има штедна книшка, но сè уште нема одлучено што да си купи. Има многу интересни професии што може да ги работи кога ќе порасне. Засега е сигурен дека ќе студира на некој природноматематички факултет.
– Бидејќи сè уште ги немам предметите хемија и физика на училиште, па ако ми се допаднат, можеби ќе станам професор по физика или по хемија. Инаку, би бил професор по математика, архитект или научник – дециден е Кико.

Фото: Борис Каески

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.