Повикувајќи се на своите македонски корени, режисерот Горан Столевски создава вистински уникатно долгометражно деби, пишува „Гардијан“
„Нема да бидеш сама“ (You Won’t Be Alone) – првиот дебитантски игран филм на режисерот со македонско потекло, Горан Столевски веќе доживува светска слава по премиерата на Фестивалот на независен филм „Санденс“. Светската филмска критика веќе го гледаше филмот и деновиве не стивнуваат одушевувачките критики од познати критичари од „Варајети“, „Гардијан“, „Индивајр“ и други. Режисерот кој во 2017 година ја освои наградата за најдобар краток филм „Види ја ти неа“, во кој главната улога ја има Сара Климоска, сега повторно му се врати на големиот фестивал. Климоска игра и во „Нема да бидеш сама“ и ја толкува улогата на Невена.
Во филмот, кој беше сниман во Србија, играат и: Камка Тоциновски, Ирена Ристиќ, Верица Недеска и други македонски актери.
„Вештерка открива живот, љубов и смрт преку телата на други во прекрасно направенa приказна за тоа што значи да си човек“, напиша „Гардијан“.
– Во 19 век, Македонија, вештерка талка по ридовите. Страшната предупредувачка приказна им ја раскажуваат на децата, наречена е Волкојатка. Но, еден ден, за новопечената мајка во изолирана куќа, таа одеднаш станува многу реална, над бебето, жедна за свежа крв. Жената се моли, моли за договор – критичарот на „Гардијан“ ја започнува рецензијата и додава: „Ова е храбра прва сцена која привлекува внимание на сценаристот и режисер Горан Столевски, за кого ова е извонредно деби.
ГОРАН СТОЛЕВСКИ МЕЃУ 10. РЕЖИСЕРИ ШТО ГИ ПРЕПОРАЧУВА „ВАРАЕТИ“ ЗА 2022
Критичарот Бенџамин Ли, кој на филмот му подарил пет ѕвезди во својата критика, го споредува делото со „Под кожата“ на Џонатан Глејзер и од некои дела на Теренс Малик. Но, филмот на Столевски е негова самоуверена креација. Поголемиот дел од дијалогот е македонска нарација.
– Овој филм изгледа многу помалку дебитантски и повеќе како да му припаѓа на пообемен опус. Столевски пронашол генијален начи за да направи длабоки опсервации на родот, полот или битието – вели критичарот.

Во филмот играат: Нооми Рапас (Шведска), Алис Енглерт (Австралија), Карлото Кота (Португалија).
– Филмот е приказна за станувањето силен и издржлив и како да се најде радост во животот за кој многумина може да ви кажат дека ја нема. Со само кратки филмови досега, Столевски покажува повисоко ниво од повеќето поискусни негови колеги. Како режисер, тој е возбуден од специфичноста на природата и човечката интеракција и неговите протагонисти, земајќи ги љубопитно малите работи и одеднаш ги прават да изгледаат многу поголеми. Како автор, тој е способен да проникне и да предизвика емпатија. Неговиот филм си игра со фантазијата на волшебните приказни и грозоморните телесни хорори – тој навистина има создадено нешто што не сме виделе досега, какво што наскоро нема да видиме – стои во критиката.

Вештерка научува како е да се биде човек во креативен арт-хорор филм. Филмот на Столевски се отплеткува како сон без мапа, пишува „Индивајр“.
– Столевски споделува ДНА со некои од неговите современеци, но тој е многу вешт за тоа како прави Фокнерова каденца во тоа како се движи од еден лик кон друг. Ова е предизвикувачки филм. Столевски и монтажерот Лука Капели не ве држат за рака и да ве водат низ интригантни финални пасажи на филмот. Музиката на Марк Бредшо е одушевувачка. Повикувајќи се на своите македонски корени, режисерот Горан Столевски создава вистински уникатно долгометражно деби – со еротски набој и на моменти брутална потрага по идентитет – пишува светскиот медиум.

Хорор филмовите вообичаено се обидуваат да го чуваат чудовиштето скриено што е можно подолго. Овој филм ве наведува да размислувате за вештерките целосно, објави „Варајети“. Ова е лирска филмска народна приказна. Столевски ни доловува евоцирачка таписерија на чудата од природниот свет.





