Холандскиот визуелен уметник Јонас Стаал и рускиот колектив од уметници, критичари, филозофи и писатели „Что делат“ (Што да се прави?) му подарија уметнички дела на Музејот на современата уметност – Скопје. Стаал ја подари својата инсталација „Нови Сојузи“ (New Unions 2016 – 2019), која е дел од изложбата „Сè што ни е заедничко“ курирана од Мира Гаќина и Јованка Попова. Колективот „Что делат“ го подарија видеото „Becoming With the Museum“ за постојаната поставка, која треба да биде отворена годинава во МСУ. Видеото е продуцирано од „Контрапункт“ и развиено преку перформанс во рамки на „Крик фестивалот“ кој во 2017 година се одржа во МСУ.

– МСУ е симбол на солидарноста. По катастрофалниот земјотрес во 1963 година се разбуди светската солидарност, не само во материјална помош за урнатото Скопје, туку и за подигнување на духот на настраданите. Многу светски реномирани уметници донираа свои дела во тоа време. Така почна и да се создава уметничката колекција на музејот. Денес, МСУ располага со богата уметничка колекција… од Пикасо, преку Калдер, Џаспер Џонс, до Вазарели и многу други – вели Мира Гаќина, директорка на МСУ.

Донацијата од Јонас Стаал

Инсталацијата „Нови сојузи“ е уметничка и политичка кампања, чија појдовна точка е тековната политичка, економска, хуманитарна и еколошка криза во Европа чија цел е да ги здружи претставниците на трансдемократските движења и организации за да предложи сценарија за некои нови идни сојузи. Воопшто, делата на Стаал се однесуваат на врската помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата и се изложувани во Музејот Stedelijk во Амстердам, M_HKA во Антверпен, Музејот модерна во Стокхолм и Уметничкиот центар Nam June Paik во Сеул, како и 7 Берлинско биенале, 31 биенале во Сао Паоло и 12 биенале во Тајпеј.

„Becoming With the Museum“ го документира процесот во кој „Что Делат“ работат со група млади уметници и создаваат перформанс, кој го прикажува односот на учесниците со избраните уметнички дела од колекцијата на МСУ. Делото го поврзува макронаративот на различните уметнички дела (кога и како се создаваат, нивното општествено значење) со микронаративот на секој изведувач, кој преку своето тело и лирски текст го објаснува односот со избраното делото. Делото е освежувачко мапирање на музејот и историјата на младата генерација што го активира трансформативниот потенцијал на музејот. Колективот „Что делат“ има цел да ги спои политичката теорија, уметноста и активизмот. Тие се залагаат за еднаквост на сите луѓе, борејќи се против различните форми на патријахатот, хомофобијата и родовата нееднаквост. Своите идеи ги пренесуваат преку: филм, театарски претстави, радио програми, мурали, јавни кампањи и семинари.

„Becoming With the Museum“ од „Что Делат“

Рускиот колектив има соработувано со Документа 12 во Касел во 2007 година, 11-то издание на Биеналето Гвангжу во 2016 година, Програма за практика на Гараж Музејот во Москва во 2017 година…. И имаат изложувано на многу светски биеналиња, уметнички галерии и музеи низ светот како во Шангај, Москва, Мексико Сити, Берлин, Ливерпул, Њујорк, Лондон, Љубљана… Претходно и светски реномираната кубанска уметница Тања Бругуера, која живее и работи на релација Њујорк – Хавана ја подари на МСУ својата видео инсталација со наслов „Само-Саботажа“.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.