Хитовите на „Битлси“ со Националниот џез оркестар на Летната сцена „Славиша Кајевски“

На Летната сцена „Славиша Кајевски“ утревечер во 21 часот Националниот џез оркестар ќе настапи со концерт со хитови на легендарните „Битлси“. Веќе на 8 октомври на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ), оркестарот ќе одржи концерт со студентите од Факултетот за музичка уметност во Скопје и Џез академијата во Штип.

Хитовите на „Битлси“, ќе прозвучат на сосема нов начин на концертот на Националниот џез оркестар. Нашите џезери ветуваат оригинална интерпретација и незаборавна вечер со композиции на ливерпулската четворка која ја смени рокенрол музичката историја.

Како солисти на концертот ќе ги слушнеме нашите истакнати музичари: Кирил Кузманов, Славко Георгиев, Трајче Велков, Виктор Филиповски, Сашко Николовски и Гордан Спасовски под диригенство на маестро Џијан Емин.

Концертот закажан на 8 октомври во 20 часот во МНТ ќе ги спои искуството на професионалните музичари и талентот на студентите. Искусните и младите џезери најавуваат динамична програма, исполнета со разнородни џез композиции и иновативни аранжмани. Ова вечер ќе биде одлична можност јавноста да ужива во креативноста и свежината на новите таленти, како и да ги поддржи во нивниот музички развој.

Во МНТ минатата недела беше отворена летната сцена „Славиша Кајевски“ која ги сплоти публиката, актерите, режисерите, музичарите и сите уметници, на едно убаво место – плато/летната тераса покрај течението на реката Вардар. Ако утревечер времето не дозволи концерт на отворено, концертот за „Битлси“ ќе се одржи на затворена сцена во МНТ.

Сподели