Во хотелот „Метропол“ во Охрид денеска почнува 27. Конгрес на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ). Собирот ќе трае до сабота, а ќе учeствуваат научници од седум европски земји.
– Конференциите се можности за размена на идеи, научен развој на млади научници, воспоставување нови соработки и партнерства, посета на убави места и стекнување нови пријатели. Добредојдени се придонеси од сите области на хемијата, хемискиот инженеринг и сродните теми – вели проф. д-р Зоран Здравковски, претседател на СХТМ.
Во изминатите години конгресите на Сојузот прераснаа во истакната платформа за регионални истражувачи од сите области на хемијата и хемискиот инженеринг. Годинава ќе учествуваат научници од Македонија, Чешка, Данска, Италија, Србија, Шпанија и од Обединетото Кралство. Ќе има и разновидни усни и постер-презентации од истражувачи од Австрија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Германија, Грција, Италија, Косово, Црна Гора, Полска, Србија, Словенија, Шпанија, Романија и од Русија.
– Со речиси 200 презентации од 550 автори и коавтори, особено е задоволството да се видат многумина од присутните кои стануваат редовни учесници на Конгресот. Изминатите две децении, овој настан се случува во колевката на словенската писменост – регион со богата историја на интелектуални достигнувања. Веруваме дека наследството, заедно со убавината на Охридското Езеро и самиот град, не само што ќе го направат вашиот престој пријатен туку и ќе послужат како дополнителен извор на инспирација за вашата работа. Да ја искористиме оваа можност да ги славиме не само нашите достигнувања, туку и нашата издржливост, решителност и цврста посветеност за унапредување на знаењето. Заедно можеме да ги надминеме предизвиците и да продолжиме да поттикнуваме иновации кои имаат позитивно влијание врз светот – вели Здравковски во уводот во Книга со апстракти.
Организиатори на годинашниот Конгрес се професорките Јадранка Блажевска-Гилев и Билјана Анѓушева, а помогнаа доц. проф. Војо Јованов, Марија Прошева и Деспина Костадинова. Конгресот се одржува со помош на повеќе спонзори и поддржувачи на работата на Сојузот.