„Consutum“ е насловот на самостојната изложба на хартиени дела од Ана Спасова која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје.

Спасова ја третира хартијата како графички отпечаток, но и со интервенции врз неа со знаковно кодирани релјефни форми ја претвора ликовната замисла во структурен супстрат во самата хартија во улога на интегрирана ликовност, вели во рецензијата нејзиниот професор Марко Вујисиќ.

– Во претходниот период, покрај графиките, креираше и мали објекти од хартија, кои со својата суптилна, лесна, бела и тонска патина, левитираа над тој нејзин изложбен агол. Листот или листовите од хартиени текстури, преку промислена артикулација на Ана Спасова до полна изразност ги аргументираа својствата на ликовен медиум. На оваа изложба „Consutum“ (лат. „зашиено“) воведува и текстурирани површини и перфорирања со точки од каде во одредени сегменти се исчитуваат записи со Брајовото писмо – пораки во контекст на тематската синтакса… – образложува Вујисиќ.

Ана Спасова е родена 1996 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Катедрата по графика со модул конзервација и реставрација, во класата на проф. Вујисиќ. Магистрира на истиот факултет – област графика. Работи како асистент на Катедрата по графика при ФЛУ. Учествува на повеќе од 40 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на неколку награди за своето творештво. Член е на Друштвото на ликовните уметници од 2019 година.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.