„Хамлет – Денот на убиствата“ и „Цезар“ вечерва на Битола Шекспир фестивал

Претставата „Хамлет – Денот на убиствата“ според пиесата на Бернар Мари – Колтес, во режија на Марјан Неќак ќе биде изведена вечерва во 20 часот на сцената на Центарот за култура во Битола, на вториот ден на Битола Шекспир фестивал. Јубилејното 10. издание синоќа беше отворено со изведбата на „Едвард Втори“ на театарот од Велес и Драмскиот театар од Пловдив, Бугарија.

Претставата „Хамлет – Денот на убиствата“ минатата недела ја доби наградата за најдобра претстава на Интернационалниот Фестивал „Инфант“ во Нови Сад.

Четирите клучни ликови на Шекспировата безвремена пиеса – Хамлет, Офелија, Клаудиј и Гертруда, поместени во простор лишен од историски и културолошки контекст, во атмосфера во која секој морален императив губи смисла, во услови на беспоштедна игра за преживување, ги живеат последните часови од својот животот. Денот на убиствата!
Крајно провокативната ситуација на еден необичен квартет, фаталистички предаден на игра со Смртта, во која ги испитувавме можностите на темата убиството како уметност на умирањето, резултираше со создавање на театарско дело со сето богатство и магичност на еден потполн театрско-сценски израз – и актерски, и говорен, и музички, и визуелен. Ако тој едночасовен универзум што го создадовме ги поттикне креативноста и чувството за убаво кај гледачот, секој од нас слободно ќе може, како Хамлет, да каже: „Би можеле да ме пикнат и во ореова лушпа, па пак да се сметам за крал на бескраен простор“.

Драматург на претставата е Оливера Павловиќ, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата – на Андреј Ѓоргиевски. Улогите ги толкуваат: Никола Стефанов, Иван Јерчиќ, Валентина Грамосли и Викторија Степановска Јанкуловска.

Во претставата се употребени фрагменти од аријата „Nessun Dorma“ од операта „Турандот“ на Ѓакомо Пучини и фрагмент од песната „What was I made for“ од Били Ајлиш; стихови од Вилијам Шекспир, Оскар Вајлд, Рајнер Марија Рилке, Емили Дикинсон, Борис Пастернак.
Во 21.30 часот ќе биде изведена претставата „Цезар“ од „Катс Шахне театар“ од Истанбул, во режија на Сибел Абдиу. Претставата „Цезар“ дело на Вилијам Шекспир, е во продукција на приватниот театар основан од познатата турска актерка Камуран Акор. Премиерата беше во септември 2023 година. Улогите ги толкуваат: Онур Шенај, Улуч Озкок, Онур Сариалтин, Енис Капланоглу, Еда Озел и Адем Акјазиџи.

Кореографка е Лиудмила Усук од Украина, а музиката е дело на скопскиот композитор Албин Сопа кој беше наградуван токму за оваа претстава со најдобра музика на познатите награди „Устун Акмен“ во Истанбул. Продуцент е Менекше Учароглу, визуелен уметник Љулзим Луиџи Бејта, костимограф Мине Хорасан. Светло мајстор Џенгиз Орхонлу, сценограф Вејсел Карачајир, асистенти на режија Берак Туна Алтуна и Еда Илбеј.

Сподели