Хакатон за иновации за отпорност на граѓанскиот простор

Балканската мрежа за развој на граѓанското општество го најави првиот хакатон за граѓански простор, кој ќе се одржи во Скопје на 17 и 18 јуни 2025 година. Една од повеќето цели на хакатонот е да се работи на креирање идеи со кои ќе се застане на патот на сè позачестените закани врз граѓанското општество во Западен Балкан со фокус на дезинформациите, кампањи на клеветење и сè поограничените ресурси за одржливост и функционирање на граѓанските организации.

Оваа мрежа создава можност и креира простор за невладините организации и академските институции од Западен Балкан да пријават свои тимови.

– Сакаме заедно да создадеме моќни решенија за некои од најитите закани со кои се соочува граѓанското општество денес: дезинформациите, кампањите на клеветење и ограничениот пристап до основни ресурси. Ова е шанса да се состават мешани тимови на активисти, ИТ експерти, правници, комуниколози, дизајнери – и да обмислат можни решенија за поголема отпорност на граѓанското општество на заканите пред кои е исправено – велат од БЦСДН.

Наградниот фонд на хакатонот е, 3.500 евра за победничкиот тим и 2.000 евра за второпласираниот тим. Најдобрата идеја ќе добие финансирање до 50.000 евра за понатамошен развој и апликативност на идејата како и експертско менторство долж целиот процес од искусни ментори во технологија, комуникации, застапување и дигитални иновации. Решенијата ќе бидат претставени низ целиот регион и пошироко преку мрежата и партнерите на БЦСДН.

Два предизвици за кои итно се бараат идеи и одговори:

• Како да се спротивставиме на кампањите за клеветење и дезинформации кои ја еродираат довербата на јавноста во граѓанските организации.
• Како да се спротивставиме на рестриктивните и политизирани практики за финансирање на граѓанските организации кои истовремено ја поткопуваат нивната независност.

Повикот е отворен за сите граѓански организации и академските институции од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија) да формираат интердисциплинарни тимови од 4-6 лица. Дел од условите што треба да се исполнат се:

• Водечкиот апликант мора да биде регистрирана граѓанска организација или академска институција од регионот.
• Апликации од индивидуи не се прифаќаат.
• Тимовите мора да бидат формирани од лица со различни профили, и различни вештини – од активизам до технологија, дизајн, право, комуникации или наука.
• Учесниците да бидат посветени и подготвени интензивно да работат пред и за време на настанот.
Учеството на хакатонот е бесплатно, а сите трошоци за учество се покриени од организаторот.

Сподели