„Симбиоза“ – групна изложба на млади уметници во Мобилна/Монтажна галерија

Во Мобилна/Монтажна галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје вечерва во 19 часот ќе биде отворена групната изложба „Симбиоза“. Свои дела ќе претстават: Филип Ристевски, Камелија Каламерникова, Славчо Павлоски, Милена Петковска, Габриел Димитровски и Озбек Ајваз. Изложбата ја организира Центарот за современи уметности.

– Целта е да се постават прашања кои предизвикуваат критично размислувањe околу меѓусебно поврзување, колаборативни организми, биокултурни врски и нови еколошки парадигми. Оваа изложба претставува скапоцена можност да се преиспита сигурноста за да се репозиционираме во светот не како одвоени и објективни набљудувачи, туку како активни учесници вплеткани во длабоко и незаменливо сродство – велат организаторите.

Сите автори се млади уметници, или студенти и апсолвенти, или скоро дипломирале на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

Сподели