„Гранд хотел Европа“ од Илја Леонард Фајфер на македонски јазик

Од печат излезе книгата „Гранд хотел Европаод холандскиот автор Илја Леонард Фајфер во рамките на едицијата „Храбри нови зборови“ на издавачката куќа Антолог од Скопје. Преводот од холандски на македонски јазик го направи Зоран Радически, а графичкото уредување е на Марко Трпески. Станува збор за маестрално дело за стариот континент, каде што има толку многу историја што не останува место за иднината и каде што вистинските перспективи се нудат единствено преку експлоатирање на минатото за туристички цели.

Писател отседнува во прочуениот, но декадентен „Гранд хотел Европа“, за убаво да размисли каде згрешил со својата голема љубов Клио, која ја запознал во Џенова, а потоа отишле да живеат во Венеција. Тој ја реконструира трогателната приказна за љубовта во времиња на масовен туризам, за нивните патувања на Малта, Палмарија, Портовенере, Чинкве Тере, и нивната возбудлива потрага по последната слика на Караваџо. Во меѓувреме, развива фасцинација за мистериите на „Гранд хотел Европа“ и сè повеќе се поврзува со незаборавните ликови што престојуваат таму. Се чини дека тие се заглавени во други времиња наспроти глобализацијата што се шири насекаде.

– Ова е роман за европскиот идентитет и носталгијата за крајот на една ера. Леонард Фајфер еден дел од книгата сместува и во Скопје, каде што престојувал неколку дена во 2017 година – велат од „Антолог“.

Леонард Фајфер (1968) студирал класична филологија на Универзитетот во Лајден, каде што и докторирал. Го истражувал старогрчкиот јазик и работел како предавач. Пишува поезија, драми, есеи, колумни, репортажи, раскази, политичка сатира и романи во стилот на Рабле. Неговите дела изобилуваат со сериозен општествен ангажман. Од 2008 година живее и работи во италијанскиот град Џенова, кому му го посветил наградуваниот роман „La Superba“.

Сподели