Гран при за најдобар филм за „Хембој“ на Елизабета Конеска на фестивал во Крк

Етнолошко-документарниот филм „Хембој“, во продукција на Музејот на Македонија, на авторката Елизабета Конеска,  освои Гран при од публиката за најдобар документарен филм на TEФ Фест Крк 2025 — меѓународен фестивал за туристички и етно филмови, кој се одржува на островот Крк, Хрватска. Филмот триумфираше меѓу 72 селектирани остварувања од вкупно 127 пријавени од целиот свет.

Елизабета Конеска повеќе од три децении работи на полето на визуелната етнологија, а меѓу неколкуте награди ова и е второ освоено Гран при за филмовите. Таа е автор на сценариото, режијата и камерата, додека монтажата е на Блаже Дулев.

Наградата во име на Конеска ја прими директорката на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска.

– Голема чест и задоволство ми претставува да ја примам оваа значајна награда во име на авторката Елизабета Конеска. Гран при за филмот „Хембој“ на TEФ Фест, пред сѐ, е вреднување на долгогодишната посветеност и стручен пристап на авторката, но и силна потврда за богатството на македонската културна традиција и нејзиниот капацитет за меѓународна афирмација. Особено е значајно што македонскиот Културно-информативен центар во Загреб има привилегија и одговорност да биде мост на културна размена меѓу Македонија и Хрватска, доследно поддржувајќи ги нашите автори и нивната видливост на хрватската културна сцена. Во време кога културното наследство и туризмот сѐ повеќе се препознаваат како столбови на одржливиот развој и меѓународната соработка, ваквите достигнувања се инспирација да продолжиме со уште поголема посветеност, визија и меѓусебно разбирање – рече Ѓоргоска-Илиевска.

„Хембој“ е филм за единствениот бојаџиски занает во Старата скопска чаршија. Три генерации од семејството Незири дуќанот го водат речиси 50 години, а го презеле од семејството Бојаџиеви. Сниман во текот на 2014 – 2015 година и скоро десет години подоцна, во 2023, филмот е сведоштво за наследството на занаетите и традициите како и на секојдневните активности во мултиетничката средина во чаршијата во Скопје.

Филмот премиерно беше прикажан во Скопје, на 15. „Македокс“, потоа на јубилејниот 10ти ЕТНОФФ (Меѓународен фестивал на етнографски филм) како и на ДЕФ (Денови на етнографски филм) во Љубљана и на КРАТФЕСТ 2025 (Меѓународен фестивал на етнолошко документарен филм.

TEФ Фест и оваа година се одржа по повод Светскиот ден на туризмот – 27 септември, ставајќи акцент на важноста на културното и природното наследство во развојот на туризмот и меѓународната промоција на државите. Токму островот Крк и градот Крк се пример за тоа како богатата традиција и сочуваната природна убавина можат да се претворат во темел за одржлив развој во иднина.

Сподели