Гран-при за Мице Јанкуловски на биенале на уметноста на минијатурата во Србија

Македонскиот уметник Мице Јанкуловски доби Гран-при на 17. Меѓународно биенале на уметноста на минијатурата, што се одржа во Центарот за културата „Мија Алексиќ“ во Горњи Милановац, Србија. Меѓународното жири во состав: Сава Степанов, Србија (претседател); Даниела Билопавловиќ Беденик, Хрватска (член) и Катарина Дуканац Стевлиќ, Србија (член) – едногласно одлучија добитник да биде Јанкуловски.

– Одлуката ја донесовме едногласно, врз основа на естетските вредности, врз основа на технички мајсторската изведба на делото и генерално на сеопфатните професионални вредности на уметникот. Драго ми е што ја доделивме наградата на вака голем уметник сметам дека е вистински избор да ја добие највисоката награда – рече Катарина Дуканац Стевлиќ.

Јанкуловски рече дека придонесот на секој поединец, секој во својата област, е пиксел во дигиталната слика која ќе сведочи пред идните генерации за степенот на развој на културата во нашето време.
– Реалноста во која живееме не сме ја наследиле од своите предци, туку ја позајмуваме од нашите деца. Ним треба да им оставиме вистински систем на вредности со кој тие понатаму ќе можат да го измерат и немерливото – рече Јанкуловски во името на сите наградени уметници.

Трииполдецениското постоење на Биеналето во Горњи Милановац ја одбележи 17. изложба по ред, која забележа исклучителен одзив, очекуван квалитет и успешно продолжување на одамна зацртаната мисија на уметноста на минијатурата. Околу 550 уметници со повеќе од 900 дела се одзвале на конкурсот на Биеналето. После селекцијата (од страна на селекционата комисија во состав: Саша Степанов, претседател; Саша Јањиќ, заменик претседател и Аница Радошевиќ Бабиќ, член) одбрани се 648 дела од 423 уметници кои ја сочинуваа изложбата на Биеналето, концепциски поделено во седум изложбени категории: сликарство, графика, скулптура, цртеж, применета уметност, фотографија и интермедијална уметност.

Сподели