Гран при за грчката дистописка драма „Тишина 6-9“ на фестивалот „Преку езерото“

Грчката дистописка драма „Тишина 6-9“ на режисерот Христос Пасалис освои Гран при на 3. Фестивал на медитеранскиот и балканскиот филм „Преку езерото“, што синоќа беше затворен во Дојран. Филмот му припаѓа на новиот т.н грчки чуден филмски бран, предводен од светската кинематографска ѕвезда Јоргос Лантимос. Наградата за најдобар краток филм ја доби годинешниот кански победник „Човекот кој не знаеше да молчи“, на Небојша Слепчевиќ. Наградата за најдобар режисер ја поделија Александра Лазаровски од Србија, за краткиот филм „Ѕвездена“ и Ѓорче Ставрески за краткиот филм „Дали си маж.

Специјално признание од фестивалското жири беше доделено на филмот „И покрај тоа што е ноќ“, на режисерот Гилермо Гарсија Лопез од Франција. За наградите одлучи меѓународното жири: Електра Венаки од Грција, Предраг Пеџа Милојевиќ од Србија и Владо Јовановски, лауреат на наградата „Мето Јовановски“.

Годинава за прв пат беше формирано и студентско жири. Тие за најдобра медитеранска приказна ја прогласија политичката драма „Руски конзул“ на Мирослав Лекиќ од Србија.

Исто така, студентите имаа извонредна и единствена можност, за прв пат во Македонија, на еден фестивал да ги претстават своите најдобри приказни и да добијат грант за реализација на нивните дипломски филмови. Беа доделени грантови на четири краткометражни филма што ќе се реализираат во следниве 12 месеци, а македонска премиера ќе доживеат в година на 4. издание на фестивалот.

Годинава прв пат беше организирана работилница за деца и млади кои активно се запознаваа со проблемот на филмската писменост и стекнаа основни познавања за филмскиот јазик.

Фестивалот е поддржан од Агенцијата за Филм и општина Дојран. Помагатели се: М-Тел, Гулф, Витаминка и други. Фестивалскиот корнер оваа година беше во хотелот „Ла Тераса“.

Сподели