Гран при за „Диџеј Ахмет“ на Филмскиот фестивал во Херцег Нови

Филмот „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги М. Унковски освои Гран при на фестивалот „Голема Златна мимоза“ што се одржа во Херцег Нови, Црна Гора. Наградата ја доби за „способноста да внесе нова виталност и емоции во наративот за созревање“.

Како што беше најавено на затворањето на Филмскиот фестивал во Херцег Нови, жирито составено од Предраг Перишиќ – претседател, и членовите Есра Демиркиран, Маја Богоевиќ, Наташа Нинковиќ и Горчин Стојановиќ, го препознаа филмот „Диџеј Ахмет“ како искрено истражување на првата љубов и товарот на традицијата.

„Георги М. Унковски раскажува приказна која е длабоко вкоренета во културата, а во исто време резонира универзално. Главниот лик (15-годишниот Ахмет) вложува напори да ги помири традицијата и модерноста, да ги исполни соништата на својот татко, но и своите – носејќи ни длабоко личен дискурс за пронаоѓање на сопствениот глас во свет кој се обидува да го замолчи. Го наградуваме овој филм за неговата способност да внесе нова виталност и емоции во наративот за растењето“, се вели во одлуката на жирито.

– Ова е мојот прв филм, се надевам дека не е и мојот последен. Ќе продолжиме да снимаме филмови, дури и кога ќе изгледа невозможно – рече Унковски.

Сподели