Гран при на фестивалот во Галичник за турскиот филм „Нечуени работи“

Гран-при за најдобар филм на 5. Галичник филм фестивал е „Нечуени работи“ во режија на Рамазан Килич од Турција. Наградатa за најдобар игран филм ja доби „Кратко патување“ на Ереник Беќири од Албанија. За наградите на фестивалот одлучи жирито во состав: Ѓорѓи Јолевски, Тамара Котевска, Мартин Иванов и Жан Дакар. Фестивалот беше затворен синоќа, а годинава привлече бројни филмски ентузијасти, режисери, актери и љубители на седмата уметност.

Ова е листата на сите награди:

Награда за најдобра кинематографија: Себастијан Вебер за филмот „Нечуени работи“, во режија на Рамазан Килич од Турција.

Награда за најдобро сценарио: Рејчел Волден за филмот „Лимоново дрво“, во режија на Рејчел Волден од Соединетите Американски Држави.

Награда за најдобра режија: Ерик К. Булијана за филмот „Правење бебиња“, од Канада.

Награда за најдобар актер: Ксавиер Ривард-Дези за филмот „Кралеви“, во режија на Оливие Коте од Канада.

Награда за најдобра актерка: Улијана Золкина за филмот „Лето со боровинки“, во режија на Маша Кондакова од Украина.

Награда од публика: Филмот „Врзете ги појасите“ во режија на Михаил Морсков и Виталиј Дудка од Русија.

Награда за најдобар анимиран филм: „Рак во базенот“, во режија на Александра Миот и Жан Себастиен Хамел од Канада.

Награда за најдобар документарен филм: „1001 ноќ“, во режија на Реа Рајчиќ од Хрватска..

Жирито додели и две специјални награди.

Најдобра актерска двојка: Ерик К. Булијана и Флоренс Блејн Мбаје за филмот „Правење бебиња“, во режија на Ерик К. Булијана од Канада.
Награда за млад актер: Гордон Рокс за улогата во филмот „Лимоново дрво“, во режија на Рејчел Волден од Соединетите Американски Држави.

Фестивалот се одржа во Галичник, нудејќи неповторливо искуство на проекции под отворено небо, дебати, работилници и дружења кои ја слават креативноста и филмот. Фестивалот ги прославува талентот и креативноста на учесниците, а сите присутни имаа можност да уживаат во филмови кои оставија траен впечаток.

Сподели