„Симболи и нови контексти – графичкото творештво на Ѓорѓи Чулаковски-Ѓото, инспирација за екфрастичка поезија“ е насловен проектот кој вечерва во 20 часот ќе биде промовиран во Културниот и информативен центар (Офицерски дом)во Битола. Ќе бидат претставени графиките на Чулаковски (1947-2019), кои неговата сопруга Верица Чулаковска ѝ ги отстапи на Галеријата во трајна сопственост.
– Уметникот секогаш е во комуникација со својата публика, секогаш поттикнува и инспирира. Чулаковски е еден од најпознатите македонски графичари, со нов уметнички дух, кој со својата виртуозност и техничка перфекција, која ја пренесуваше на младите генерации преку педагошката дејност, успеваше да ја збогати комплексната слика на уметноста на нашето време – вели Лили Бошевска, директорка на Културниот и информативен центар во Битола.
Историчарот на уметност Коста Балабанов за Ѓорги Чулаковски-Ѓото вели дека е меѓу оние уметници кои ја градат и презентираат својата уметничка филозофија преку прецизно нацртан цртеж, со примена на разни графички техники, правејќи уметност која црпи инспирација од прекрасните пејзажи на македонската земја.
„Во неговата уметничка процедура, цртежот е имагинарен, но сугестивен; живописен, што е извонредно и по карактеристичните бои присутни во потеклото на ткаенината и костимите во Преспа, кои ги открил и ги негувал со векови. Тој е еден од последните мајстори на литографијата, една од најсложените графички техники“, вели Балабанов.