Графичкото триенале е плод на исклучителната посветеност на Графичката работилница „Софија“ – Богданци

150 графички листа се изложени во Културно-информативниот центар во Скопје, како дел од триеналнaта изложба на Графичката рабoтилница „Софија“ од Богданци. Важна изложба за ликовната сцена во Македонија, со оглед на тоа дека станувa збор за вид лабораторија што веќе 17 години успешно ја гради својата приказна, помага за да се изнедрат големи таленти, им дава крилја. Изложбата ја отвори Виктор Семенпеев, што ја раководи Графичката работилница „Софија“.

Директорот на КИЦ, Антонио Димитров посочи дека иако изложбата не е дел од годишната програма, вратите се секогаш отворени и ова е всушност петта по ред триенална изложба што се реализира. Оваа работилница претставува јадро за младите графичари, рече тој.

Уметникот и професор Костадин Танчев-Динка, еден од основачите на работилницата, се осврна на значењето на работилницата и со каква љубов и посветеност е основана. Таму студентите имаат услови каде што не можат да најдат никаде, рече тој.

Костадин Танчев-Динка

– Јас вечерва се чувствувам многу пријатно и се надевам дека за една година веќе ќе бидеме полнолетни. Што е всушност оваа работилница? Тоа е една мала приказна меѓу мене и мојот најдраг пријател Драган Семенпеев-Цапе. Сакавме да создадеме работилница што нема да личи на ликовна колонија, но ќе биде во функција на целата година. Понекогаш сум и тажен што мои драги колеги кои немаат услови за да реализираат графички лист, не посакуваат да дојдат и преку цела година за да работат во термин што би го договориле со организаторите. Ние соработуваме со сите факултети од областа на уметноста. Доаѓаат по двајца студенти, работат со ментор. Ние сме можеби и единствена на Балканот и пошироко. Нашата графичка работилница располага со сите можни графички техники и современи дигитални технологии. Сакам да му се заблагодарам на семејството Семенпееви кое пожртвувано на свој грб ја носи оваа колонија и на Министерството за култура кое барем во последните 3-4 години најде малку разбирање и одвојува средства – рече Танчев-Динка.

Режисерот Илија Ико Каров потсети колку е важно меценството во уметноста, воопшто.

– Пред 17 години имаа смела идеја, а денес Графичка работилница веќе е традиција што обединува. Посакувам таа прекрасна фамилија, која денес се дели на 4 семејства, секогаш да имаат услови за да создаваат услови за другите да можат да творат. Во овој ликовен контекст сите графичари се трудат да остават белег. Најголем печат на Семенпееви е несомнено врз нашето општество и тука не имплицирам само на Македонја, туку ќе ги раширам видиците и ќе кажам Југоисточна Европа, онаку каде што почнаа тие раскошни имиња кои денес веќе се големи уметници – рече Каров.

Фото: Културно-информативен центар – Скопје

Сподели