Опинчарството бил еден од најзастапените и најразвиени занаети во 19 век на овие простори. На почетокот овој занает бил сметан за градски, но подоцна со масовната употреба на кожените обувки се проширил и во поголемите селски средини.
„Опинчарите најчесто изработувале опинци од штавена и нештавена кожа (говедска сува и сурова кожа, телешка, кожа од камила, а поретко и кожа од свиња). Опинците од нештавена кожа биле поеластични и поудобни за носење, но биле понежни, послаби и полесно се кинеле. Занаетчиите, не само што изработувале, туку и поправале (репарирале) и лепеле опинци“, велат кустосите од Музејот на Република Северена Македонија, со чија соработка пренесуваме содржини за да ја претставиме богатата материјална и духовна култура на македонскиот народ и музеолошката дејност.

Според изработката, опинците се разликувале и делеле на опинци за градска и за селска средина. Ако биле наменети за жителите во градот, мајсторите ги бричеле влакната од кожата за да не се внесува кал во куќите. Во селата, пак, се правеле опинци од небричена кожа, па така обувките биле поиздржливи и потрајни.
„За изработка на опинците бил користен соодветен алат – стол без наслон за седење, каца до половина закопана во земја во која се вршело штавењето на кожата, а потоа и лужење, казан за греење на водата при боење на кожата, кофа за пренесување вода, буре за боење на кожата, дрвено сито за исцедување, калап за растегнување на кожата, нож за чистење или пердашење, остар нож за кроење на врвките, шило, кашикмајак (издупчена дрвена лопатка), точило за острење сечила, разни калапи – кројки за кроење и др.“, велат кустосите од Музејот. Повеќе инфoрмации на овој ЛИНК.





