Во просториите на Факултетот за ликовна уметност во Сули ан во Старата скопска чаршија, вечерва во 20 часот ќе се одржи перформативниот дијалог „Гозба или за љубовта“ во рамките на 7. издание на КРИК – фестивал за критичка култура. Повеќе уметници и писатели ќе говорат за демократијата, уметноста, љубовта, пријателството и убавото.
„Гозба или за љубовта“ претставува концептуален, перформативен дијалог, во духот на Платоновите симпозиуми, каде што критичкото мислење за демократијата, уметноста, љубовта, пријателството и убавото се стимулира со храна и пијалак. Во дијалогот ќе нè воведат: Елизабета Шелева, Славчо Димитров, Никола Маџиров, Владимир Јанковски, Петар Милат (Хрватска), Милица Пекиќ (Србија) и Ивана Хаџиевска, под модераторство на шефот на трпезата Артан Садику.
– Симпозиумите, онака како што органски се практикувале, претпоставувале собири, гозби, на кои се разменувале низ разговор, низ дијалог важни прашања за уметноста, политиката, љубовта, пријателството – демократијата. Околу трпезата се создава просторот на слободата, на размена на критички мислења, на заедницата. Така е од памтивек, така е и сега. Обидувајќи се да ги исцртуваме просторите на слободата и на заедницата, да се обидеме на заедничката трпеза да ги отплеткаме јазлите на мислењето и на чувствувањето, и со храна и вино да се обидеме да ги ре-обмислуваме слободата, копнежот, правдата, заемноста – велат од „Контрапункт“, организиатори на фестивалот.
Во рамки на гозбата, ќе бидат изложбено поставени и дијалошките видеа снимени во Србија, Косово и во Македонија. Автор на видеата снимени во Скопје, Битола, Прилеп и Тетово е Ѓорѓе Јовановиќ. Авторка на концептот на настанот „Гозба или за љубовта“ е Искра Гешоска. „Гозба или за љубовта“ е концепт произлезен од едногодишното истражување насловено „Изведување демократија“ во партнерство со „Киоск“ од Белград и „ДокуФест“ од Призрен.