„Госпоѓиците од Авињон“: Светско, а наше!

Пишува: Билјана Крајчевска, драматург

Кон балетот „Госпоѓиците од Авињон“, во продукција на Националната опера и балет, според либрето и дратургија на Сашо Димоски, музика на Калиопи Букле, кореографија и режија на Олга Панго.

„Госпоѓиците од Авињон“, чија премиера се случи на 9 март на сцената на Националната опера и балет, е претстава каква одамна не сме виделе на нашите театарски сцени. Комплетната авторска екипа е домашна: композиторка е Калиопи Букле, кореографка и режисерка е Олга Панго, либретист и драматург Сашо Димоски, костимограф Раде Василев, мултимедија и дизајн Емил Петров, дизајнер на светло Милчо Александров и дизајнерка на шминката Златица Поповска.

Настапуваат: Александра Мијалкова како Олга Коклова, Мими Поп-Алексова како Дора Маар, Ивана Коцевска како Ева Гуел, Саша Евтимова како Мари-Терез Валтер, Христина Наќевска/Билјана Басмаџиева-Ковачевска, Мирослав Митрашиновиќ како Поштарот, Балаш Лоцеј како Слаткарот, Агим Бафтии/Игор Веланоски како Пријателот и Ендру Кук како Чевларот.

Сашо Димоски во овој миг под македонското театарско небо е синоним за она што во театарот, односно во изведбените уметности, се нарекува современ тренд, она кое традиционално се врзува за кованицата „современ европски театар“. Премиерната изведба на балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ го потврдува овој факт на кој му претходат театарската инсталација за еден гледач „Херои 04:33“, мултимедијалниот спектакл „Кралските копилиња“, лабораторијата „Сестрите Прозорови“, буто-перформансот „Дневникот на Хулиганот“ според истоимениот роман, романите „Алма Малер“, „Петтото годишно време“ (обата поставени на сцена), европски наградениот драмски текст „Помеѓу змејот и неговиот бес“ и други, преку неверојатни четириесет наслови во книжевноста, театарот и балетот и нивни преводи на неколку странски јазици. За својата работа, покрај останатите награди, неодамна е добитник на Признание од Претседателот Стево Пендаровски, „Успешни млади“.

Пишувајќи го либретото за овој балет, Димоски го доразвил „главниот лик“ од драмскиот текст (една мува и сите метафори кои таа ги раѓа во текстот, изразена како музички лик во балетот за што ќе стане збор понатаму во текстов) со цел дополнително да ги акцентира врските кои се градат со насловот на овој балет, но и со насловот на сликата на Пабло Пикасо. Приказната ги демистифицира/деконструира петте куртизани препишувајќи ги во пет жени кои го одбележале бурниот љубовен живот на Пикасо и односите кои тие жени ги имаат со „ликови без важни својства“, како што запишал драматургот. Овие пет љубовни приказни, околу кои постојано зуе една мува, формираат целина во заговорот против мувата – со цел да ја убијат, а убивајќи ја – засекогаш да ја впијат во себе.

Композиторка на претставата е Калиопи, најзначајното име на современата македонска поп-рок музика и овој текст е премал за во него да се наведе севкупната нејзина дискографија и точките на кои ја развива својата кариера. Покрај интернацоналната кариера како кантавтор, Калиопи потпишала и еден филмски саундтрак („Елегија за тебе“) и музиката за балетот „Јас, Исидора“ и ја играла главната улога во првиот македонски мјузикл „Чија си“.

Деветте драматуршки, односно музички слики се девет делници кои ја обликуваат музичката целина на ова дело. Поаѓајќи од цврстата структура на Димоски, Калиопи компонирала музика чии мотиви се врзуваат со сите музички јазици на светот – видливо во начинот на развивање на аранжманите и употреба на инструменти од сите краишта на светот, мотиви од сите меридијани, притоа јасно боејќи ги односите меѓу ликовите и атмосферата во која дејството се случува. Главниот лик, споменатата мува, изведена е на два начини – преку звуци од кастањети (кои се повторуваат на прецизни места во претставата) врз кои Калиопи го користи сопствениот вокал. Покрај тоа, во музиката е вградена и авторска преработка на сефардската песна „Андерлето“. Исклучителноста на ова музичко дело се заокружува со космополитизмот вграден во секоја негова нота.

Кореографијата на претставата е на Олга Панго, најзначајниот театарски и балетски кореограф во мигов, добитник на најзначајни домашни и меѓунардодни признанија, која неодамна ја гледавме и како протагонист во претставата „Петтото годишно време“. Панго го препишала либретото на Димоски во кореографски ракопис кој е неверојатно богат, прецизен, кој функционира на принцип на „слики кои оживуваат за да се преживеат одново“, слики од слики кои се движат, секоја со својот сопствен наратив, со својата љубовна приказна која ја раскажува. Богатите елементи се сместени во режисерски концепт кој функционира преку сценски лифтови низ кои ликовите се појавуваат и исчезнуваат. И покрај тоа што е најавен како современ балет, според кореографските елементи „Госпоѓиците од Авињон“ е во голема мера класично дело – што се чита во јасните елементи од азбучникот на класичниот балет.

Костимографијата на претставата е на Раде Василев, докажан и наградуван македонски костимограф. Сосем инспириран од опусот на Пикасо, Раде Василев создал „етикетна“ костимографија во која ги користел мотивите на Пикасо како коментари, играјќи со формите и симетричноста на костимите, во колорити кои се директни врзници со сликата од насловот.

Мултимедијата е на Емил Петров, долгогодишен соработник на Панго и признат мултимедијален уметник, кој во претставата ги проектира „движечките слики“ врз бели реси, користејќи два принципи. Првиот е принципот на „крупниот кадар“ преку кој проектира делови од сликите на Пикасо, а вториот е принципот на создавање апстрактни атмосфери во кои се случува дејството.

Балетските играчи изведоа претстава во која демонстрираа неверојатна спремност и прецизност, претставувајќи го македонскиот балет како едно од најзначајните места во кои се создава македонската култура во мигов. Балетската игра во оваа претстава изведена е преку соло делници, дуети, триа, квартети и групни игри во кои играчите, секој од својата азбука на ликот, презентира оригинален карактер – секој од својот аспект на љубовта која е централна тема на оваа претстава.

Балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“, првата премиера на НОБ за годинава, несомнено може да му парира на насловот од кој е инспирирана!

Фотографии: Емил Петро

Преземено од Гледај.мк – платформа за театар, филм и нивно критичко следење

 

Сподели