На сцената на Долни Сарај во Охрид вечерва во 21 часот во рамките на фестивалот Охридско лето, Националната опера и балет ќе ја изведе балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“. Балетот во 9 слики е инспириран од истоимената слика на уметникот Пабло Пикасо и зборува за пет жени и нивниот живот, нивната потрага по љубовта, смртта и слободата.
Музиката во претставата е на Калиопи Букле, за кореографијата и режијата е задолжена Олга Панго. Либретото и драматургијата се на Сашо Димоски, костимограф е Раде Василев, а на мултимедија и дизајн работеше Емил Петров, дизајн на светло – Милчо Александров, а дизајн на шминкa – Златица Поповска. Асистенти на кореографот се Горан Божинов и Саша Евтимова. Во претставата се користени сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“ на сценографот Валентин Светозарев.
Улогите ги толкуваат: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лочеи од Унгарија, Агим Бафтии, Ендру Кук од Англија.