„Госпоѓата со шешир“ на словенечката авторка Маша Огризек објавена на македонски

„Госпоѓата со шешир“ на словенечката авторка Маша Огризек е првата младинска книга што излезе од печат во издание на Македонскиот центар ИТИ/Продукција. За преводот се погрижи Иванка Апостолова Баскар.
„Госпоѓата со шешир“ е објавена во едицијата „Од книжевност на сцена“, а илустрациите се на Тања Комадина. Покровители се Град Скопје, Јавната агенција за книга на Република Словенија. Уредничка е Кристина Пешева-Диновска, а лекторка – Ирена Игњатовска.

Г-ѓа Људмила, е пензионирана учителка по шиење и една многу необична дама; таа тргна со својот куфермобил и папагалот Ара Бела на патување полно со забавни авантури. Без сопирачки, двапати премногу и половина премалку, таа ќе отпатува во необичен киоск, ќе го продолжи патувањето низ шумата, ќе сфати дека секој што молчи може да полуди, ќе научи да плива и ќе се вљуби во морето; на крајот ќе се врати дома кај нејзиниот пријател господинот Блазник. Таа ќе открие дека животот е пикник. Текстот и сликите во оваа книга, ја разбрануваат имагинацијата и ќе не насмеат.

Маша Огризек и Тања Комадина се нов кокреативен тандем, кој ќе ги освои како децата така и нивните родители и ќе ги однесе во една ексцентрична и необична авантура.
Маша Огризек (1973) е позната како авторка на рецензии, а во последните години се објавени и неколку нејзини сликовници и еден стрип албум. Сликовницата „Слон на дрво“ беше номинирана за наградата Кристина Бренкова во 2014 година. Објавува и во списанијата „Цицибан“ и „Галеб“.
Тања Комадина главно создава во областа на илустрацијата и стрипот. Стрипот Fino kolo е вклучен во каталогот White Crow (2015). Со илустрација на книги се занимава од 2009 година. Редовно објавува во списанијата „Цицибан“ и „Цицидо“.