Горазд Китановски-Кени е победникот на 11. Национален поетски слем натпревар за 2021 година кој викендов се одржа во киното „Мис Стон“ во Прилеп. Младиот слемер и изведувач е познат по поетскиот перформанс во градски автобус во Скопје на почетокот на годинава и по перформансот „Градот убав“ (поезија придружена со пијано и изложба на мурали), реализиран лани во соработка со Филип Димишковски и Андреј Павлов во Музејот на современата уметност, во рамките на „Бела ноќ“.

Во Прилеп освен Горазд Китановски-Кени се натпреваруваа и слемер(к)ите: Валерија Дамчевска, Габриела Стојаноска–Станоеска, Дарко Гроздановски, Дафина ,,Даффне“ Веселиноска, Дијана Петкова, Илијана Ѓоргиева, Ирена Јурчева, Корнелија Јосифова, Константин Карев, Марија Грубор, Марина Икономова-Шокева, Никола Дукоски, Оливера Доцевска, Софија Тодороска, Тихомир Јанчовски и Цветанка Колева. Второто место го освои Никола Дукоски, а третото Валерија Дамчевска.

Традиционално победникот од овој натпревар ја претставува Македонија на Европското слем-првенство каде досега учестуваа: Афродита Николова, Игор Трпчески-Трпче, Марија Грубор и Елена Пренџова. Специјален гостин на годинешниот слем натпревар беше данскиот поет Мартин Глас Серуп, чии песни во препев на македонски и англиски јазик читаа: Драгица Здравеска, Добрила Грашевска, Цветанка Колева и Билјана Волчевска. Како своевиден вовед беше одржаната кратка промоција на стихозбирката „Пред некое време“ од Тихомир Јанчовски, чии песни, покрај авторот, ги интерпретираа и Добрила Грашевска и Игор Трпчески-Трпче. Националниот слем-натпревар истовремено го промовираше и слем-зборникот „11 години поетски слем Македонија 2021“.

(К.Б.)

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.